Спајдермен-чистачите од кинеските свети планини

Планините на Кина, особено светите локалитети, ги посетуваат милиони Кинези и други туристи годишно. Да се сочуваат локалитетите чисти и без отпад е неверојатно тешка задача. За среќа, Кина има Спајдермен-чистачи. Овие мажи и жени ги ризикуваат животите секој ден, спуштајќи се и качувајќи се по стрмните карпи со јажиња, само за да ги соберат пластичните шишиња, кеси и другото ѓубре што го фрлаат нецивилизираните туристи.

Токму опасниот опис на работното место им го заработува надимакот. Во обид да ја акцентираат опасноста на нивната работа, и пред сé – да ги натераат посетителите двапати да размислат пред да фрлат отпад, дел од чистачите всушност ги заменија своите стандардни униформи со Спајдермен костуми. Така станаа хит меѓу туристите, кои често застануваат да ги гледаат овие суперхерои во походот по тешко достапните пластични шишиња, навивајќи во текот на целата мисија.

Ти падна шишето во провалија? Who you gonna cal?

Кинеските медиуми често ги прикажуваат Спајдермен-чистачите како херои, и со право. Повредите се чести, а опасноста е толку голема, што некогаш чистачите се онесвестуваат во текот на работата. Во 2014-та, на пример, кинеските весници пишуваа за една жена која се онесвести додека го чистеше џиновскиот камен споменик на локалитетот Meng Mountain Guimeng Scenic Spot.

Поради природата на работата, малкумина имаат храброст да работат како Спајдермен-чистачи. Но тие што имаат, се богато наградени. На пример, пред две години, кога Guimeng Scenic Spot објави оглас за работа, нудеше плата од 10.000 јуани (1.600 долари) дневно. Додуша, во огласот стоеше дека работата ќе се одвива „на твој сопствен ризик“.

Спајдермен-чистачите во Кина собираат тони и тони отпад годишно од кинеските локалитети. Некои работат и повеќе од деценија, а и не планираат да престанат во блиска иднина. За среќа, медиумското внимание во последните години им ја донесе почитта што ја заслужува нивната професија, но и им ја олесни работата – ги натера туристите да бидат повнимателни со отпадот. Пенг Вен, кој работи како чистач на планината Е’меи веќе 17 години, вели дека последниве години забележува значително намалување во количината на отпад што ја фрлаат посетителите. Тоа директно му ги зголемува шансите за преживување, истакнува тој.

Во продолжение, еден обичен работен ден на Спајдермен-чистач, низ слики:

- Реклама -