Добил отштета поради тумор предизвикан од мобилниот телефон

По предупредувањата на извесни научници и експерти, некако колективно прифативме дека зрачењето од мобилните предизвикува рак. Потоа научната јавност ја демантираше таквата врска, а потоа почна и да ги исмева тие што тврдат спротивно.

Но, за италијанскиот суд нема дилема. Тој пресуди дека токму прекумерната употреба на мобилен телефон, заради потребите на работата, е причина за развојот на бениген тумор на мозокот на 57-годишниот Роберто Ромео, кој 15 години морал да користи мобилен по 3-4 часа дневно, секој ден. Врз основа на тоа, судот пресуди дека Роберто треба да добие пензија.

Пресудата е донесена на 11 април, но јавноста дозна за случајот дури деновиве. Во меѓувреме, се очекува дека ќе дојде до жалба.

Медиумското внимание се должи на тоа што „ова е прв пат во светот еден суд да препознае поврзаност меѓу ‘несоодветното’ (читај: прекумерното) користење на мобилен телефон и тумор на мозокот“, велат адвокатите Стефано Бертоне и Ренато Амбросио.

Ромео, од своја страна, вели дека не сака да крева паника, но смета дека сите треба да се свесни околу начинот на кој треба да се користат мобилните.

„Немав друг избор, морав да користам мобилен за да бидам во контакт со клиентите и да ја организирам работата. 15 години цело време телефонирав од дома или од автомобил. Прво почнав да чувствувам дека увотот ми е затнато цело време, а во 2010-та ми е дијагностициран туморот. За среќа, беше бениген, ама веќе не слушам, бидејќи мораа да ми го отстранат акустичниот нерв“, вели Роберто.

Медицинскиот експерт ангажиран за случајот, проценил дека телесната функција на Роберто е оштетена за 23%, и со тоа го поттикна судот да му додели надомест од 500 евра месечно. Надоместот ќе биде исплатуван од националната програма на осигурување, која ги покрива случаите на несреќа на работното место.

- Реклама -