Зошто се вапцаат и се подаруваат црвени јајца за Велигден

Велики четврток е денот кога најмногу се радуваат децата. Тогаш мајките вапцаат јајца, зашто тие се симбол на гробот на Христос и Воскреснувањето. Јајцата се бојат на Велики четврток или на Велика сабота. Првото секогаш е црвено – симбол на пролеаната крв на распнатиот Исус. Со првото јајце се „исртува“ крст на челата на децата – за здравје.

Јајцето е симбол на почетокот на животот, зашто од него се раѓа малото пиле. Има податоци дека уште христијаните од Месопотамија практикувале обичаи кога приготвувале црвени пасхални јајца.

Легендата за Марија Магдалена

Традицијата на тоа да се подаруваат вапцани јајца најмногу се поврзува со легендата за јајцето кое Марија Магдалена му го подарила на императорот Тибериј. Според записите, таа имала можност да се сретне со императорот, и како подарок му однела црвено јајце.

Други верзиии на преданието раскажуваат дека императорот се посомневал околу веста за Воскресението, и рекол: „Како што јајцето од бело не може да стане црвено, така и мртвите не можат да воскреснат“. Тогаш настанало чудо – белото јајце започнало да поцрвенува.

Според некои обичаи, првото јајце се чува цела година за здравје на домот. Второто јајце исто така е црвено – тоа се остава во црква во сабота навечер.

На Велики петок не се работи ништо. Затоа е и официјален празник. Се тера строг пост – препорачливо е да не се јаде ништо, а месо и алкохол – никако.

- Реклама -