Амазонско племе ќе добие отштета поради урнат авион во резерватот

Една од најголемите бразилски авиокомпании – „Gol“, се согласи на бразилското племе Кајапо да му плати вкупно 1.24 милиони долари отштета, поради пад на авион во нивниот резерват во 2006-та година.

Племето одби да се врати во областа каде падна авионот, со образложение дека е „загадена и проклета“ заради присуството на мртви, пренесe BBC. При уривањето на авионот морале да бидат релоцирани неколку куќи, како и медицинскиот центар поставен од Бразилската агенција за домородно население.

Во таа 2006-та година, патничкиот авион на „Gol“ при летот се судри со приватен авион, на територијата на државата Мато Гросо, над делот од Амазонската прашума каде се наоѓа и резерватот на Кајапо. Приватниот авион мораше принудно да слета на најблискиот аеродром, но авионот на „Gol“ ја немаше таа привилегија. При падот загинаа 154 патници, а истрагата покажа дека се работи за грешка на двајцата американски пилоти кои управувале со приватниот авион, ама и на контролорите од контролата на летање во Бразил.

Пред две години, шефовите од племето побараа од организацијата „Funai“ да им помогне околу компензацијата, а еве, сега успејаа да постигнат вонсудски договор со авиокомпанијата.

Поглаварот на Кајапо – Раони Метуктир, се прослави кога го пропатува светот во друштво на британскиот пејач Стинг, борејќи се да ја покрене свеста и да укаже на проблемот со уништување на дождовните шуми во Амазон. Парите ќе одат токму за фондацијата основана од Метуктир (а управувана од Funai).

Кајапо (или „Луѓе што сакаат мајмуни“, тоа е значењето) се едно од најголемите и најмоќни Амазонски племиња. Живеат во расштркани села длабоко во Амазон. Некои имаат чест контакт со аутсајдери, ама главно се смета дека живеат практично во изолација. Првиот контакт со Европејците го имале пред околу 500 години. Нивната популација (според податоците од 2010-та) се проценува на 8.600 луѓе, што ќе му дојде по околу 140-тина долари отштета од човек.

- Реклама -