Израел ќе ги заќутува џамиите

Предлог-законот со кој ќе се придушат повиците за молитва што се упатуваат преку разгласите на минарињата на џамиите, на тензичната парламентарна расправа во средата, ја доби прелиминарната согласност. Арапските легислатори ја прогласија мерката за расистичка.

Поддржувачите на иницијативата велат дека единствената цел е да се подобри квалитетот на животот на луѓето кои живеат близу џамиите, кои при раните утрински повици на молитва не можат да спијат заради гласните звучници поставени на минарињата.

„Ова е предлог-закон со доброто на општеството на ум, наменет да го заштити сонот на граѓаните, а без, Бог да чува, да повреди нечии религиозни верувања“, вели Моти Јогев – еден од предлагачите на мерката.

Противниците, пак, велат дека мерката, спонзорирана од десно-ориентираните партии, ги повредува правата на религиозна слобода на израелското муслиманско малцинство.

На седницата беа одобрени две верзии на предлог-законот, но дури по вжештена дебата која се претвори во надвикувачки натпревар меѓу владејачката коалиција и арапските пратеници. Дел од овие вторите искинаа неколку копии од предлог-законот во знак на протест, по што беа исфрлени од седницата.

Втората верзија на предлог-законот предвидува забрана за користење на разгласите на џамиите во населените области во одредени делови од денот.

И двете верзии се однесуваат на „куќите за обожување“ притоа мислејќи на сите верски објекти, иако израелските медиуми предлогот го нарекоа „закон за муезин“ („muezzin law“) – алудирајќи на човекот што ги повикува муслиманите на молитва. За прекршување на законот е предвидена казна до 10.000 шекели (2.700 долари).

Различни погледи

Тзипи Ливни – лидер на Ционистичката унија и поранешен премиер, рече дека „гордите Израелци“ треба да се обединат во отфрлањето на легислативата која ќе „шири омраза и ќе потпали тензии“ меѓу муслиманите и евреите.

Арапите сочинуваат скоро 20% од популацијата на Израел, и веќе долго време се жалат на дискриминација. Израел, од друга страна, вели дека е посветен на чување на верските права на сите вери, и дека се бори против дискриминацијата на сите свои жители со арапско потекло.

Предлог-законот, ако се изгласа, ќе го опфати и Источен Ерусалим, кој Израел го анексираше во Блискоисточната војна во 1967 година – потег што не е интернационално признаен. Сепак, бидејќи предлогот се однесува само на населените области, џамијата al-Aqsa – третата најсвета локација на Исламот – која се наоѓа во Стариот Град во Ерусалим, ќе остане исклучена од забраната.

Предлогот, за да стане закон, ќе мора да биде разгледан и прифатен во уште три фази од легислативниот процес. Во меѓувреме, ненаспаните продолжуваат да мечтаат.

Ал Џезира

- Реклама -