Како обичните луѓе станаа херои на денешницата

Градските власти на Легњице, Полска, рака под рака со полицијата, трагаат по непозната жена, не од очекуваните причини. Ја бараат за да ѝ се заблагодарат, и тоа за нешто што треба да е вообичаено човечко однесување – ѝ помогна на една баба да ја помине лизгавата снежна улица, додека сите останати ја одминуваа.

Од една страна, ваквиот обид за оддавање на признание е позитивен, бидејќи може да ги мотивира и другите да им излезат во пресрет на помалку моќните. Од друга страна е тажно, бидејќи потсетува на еден друг, исто така апсурден случај, кога интернет се подмочна од аплаудирање на еден Сик кој го симна турбанот за да го стави како перница под главата на тешко повредено момче.

Зад ваквите примери јасно наѕира тажната вистина за тоа како модерниот живот во брзање го девалвираше значењето на зборот херој и нé доведе до емотивна зима во која не ни очекуваме дека некој некому ќе му помогне. Токму во тој контекст, локалната полиција го објави видеото токму со ваков наслов: „Малку топлина среде зима“.

А полицијата го набљудувала целиот настан на безбедносната камера. По подолго време и куп рамнодушни минувачи, тие дури и испратиле патрола за да ѝ помогне на бабата. Но ете, во меѓувреме конечно се нашол херојот на денешницата – обична жена, со најобична желба да помогне да спречи еден скршен колк повеќе. Жена за која се води „потера“, зашто градоначалникот смета дека треба лично да ѝ заблагодари.

- Реклама -