Најдолгата железница на светот

„Новиот пат на свилата“ поминува низ 8 земји, а патувањето трае 21 ден. Возот тргнува од кинескиот град Jиву, а крајна дестинација му е Шпанија, поточно Мадрид. Проектот се проценува на над 40 милијарди долари.

Јиву – Мадрид е само една од многуте железнички линии на кои сообраќаат кинеските товарни возови на големи далечини, но е најдолгата. Долга е 9.977 километри и поминува низ Кина, Казахстан, Русија, Белорусија, Полска, Германија, Франција и Шпанија.

Оваа нова железница – која Народна Република Кина ја изгради за превоз на стока меѓу Азија и Европа, не само што е најдолгата железничка линија во светот, туку успеа да ја засени дури и легендарната транссибирска рута.  Подолга е за околу 700 километри од Москва-Владивосток, но за разлика од руската линија, на оваа товарот мора да биде претоварен три пати во текот на патување, заради ограничувањата на вагоните во секоја држава.

Како што рековме, на просечен товарен воз му требаат околу 21 ден да пристигне во Мадрид. По вода тоа патување би траело шест недели, а по копнените патишта би „коштало“ три пати поголемо загадување. Кинеските официјални лица истакнуваат дека оваа линија ќе ја смали зависноста од морскиот и авио-транспорт, особено затоа што е и поевтина и побрза од нив.

Според Washington Post, овој проект има за цел контрола на трансконтиненталниот товарен превоз, извоз на кинеската роба во западните земји и снабдување на Кина со европски луксузни производи, наменети за една нова општествена класа која е во експанзија во земјата.

Кина и ЕУ моментално разменуваат стока во вредност од над милијарда долари дневно. Линијата Јиву-Мадрид дополнително ќе ја поттикне и ќе придонесе за нивна подобра соработка, вклучително и со Шпанија.

Кина веќе долго време е еден од главните играчи на светската политичка сцена. Овој фараонски проект многумина ги потсети на златната ера на „Средишното царство“. Од античко доба, па сé до 15-ти век, оригиналниот „пат на свилата“ беше главниот правец за размена на добра меѓу Кина и Европа. Подоцна беше напуштен во корист на морските експедиции.

 

- Реклама -