„24 часа“: Уште две земји се приклучија кон бугарското вето за Македонија

Уште две земји членки на ЕУ се приклучија кон бугарското вето за Северна Македонија, соопштил дипломатски извор за бугарскиот весник „24 часа“. Се работи за Данска и Холандија.

„24 часа“ потсетува дека и претходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, на Фејсбук објави дека „изгледа дека Бугарија не е осамена, туку има дискретна дипломатска поддршка од уште најмалку две земји членки на ЕУ“.

Милошоски додаде и дека неколку членки, како Франција, Грција, Италија и Холандија, се против усвојување на заклучоците или преговарачката рамка само за Албанија. Дипломатскиот извор за „24 часа“ ја потврдува таа информација – дека дури и да нема спорни прашања како тоа со Северна Македонија, постои силно противење за преговарачката рамка за Албанија.

Весникот потсетува и дека на ниво на амбасадори во Брисел, Бугарија ја блокираше не само преговарачката рамка, туку и заклучоците за Македонија, по што германското претседателство ја прекина дискусијата поради немањето консензус. Темата одново ќе се најде на маса на амбасадорскиот состанок на 7 декември, но потоа и на 8 декември – на Советот за општи работи.

 

 

- Реклама -