Неочекуваните спасители на грчкиот туризам

lezbos

Во малото планинско село Вафиос на Лезбос, среде маслиновите дрва, има таверна. Таму, сопственикот Никос Молвалис ги пречекува гостите со исклучиво грчки специјалитети. Таму ништо не потсетува на мигранти. Молвали во 2015 беше еден од првите кои привремено престанаа да се бават со своите професии, сé со цел да помогне во спасувањето на мигранти од морето. Вели дека тоа што тогаш го видел и доживеал длабоко му се врежало во сеќавањето, и дека би го правел истото одново и одново, и подеднакво радо како и до сега. Но тогаш уште живеел уверен дека светот ќе ги цени јуначките акции за спасување за кои беа заслужни жителите на Лезбос.

Наместо тоа, на странските медиуми почнаа да се појавуваат негативни извештаи. „Секогаш се кажува дека ние на Лезбос не сакаме бегалци. Тоа е точно, ние сакаме тие да бидат регистрирани и потоа да продолжат понатаму кон западот на Европа, каде и онака сакаат да одат“, вели Молвалис. Многу од жителите на Лезбос го сметаат за нехумано тоа што бегалците мораат толку долго да престојуваат во кампот Морија. И сочувствуваат со нив. „Најлошото е што Европјаните сега мислат дека сме валкани и дека кај нас сé е полно со болештини, па заради тоа го избегнуваат нашиот убав зелен остров“.

Спас од ведро небо

Молвалис смета дека тој и неговите сограѓани се повеќекратно казнети. „Прво ни исчезнаа гостите, пред сé Германците, а потоа ни ги покачија и даноците“. Тој одамна веќе не заработува; среќен е кога сезоната ја завршува со позитивна нула. А за тоа што не е во минус, може да им заблагоради пред сé на гостите од Турција.

Токму така. На грчките острови од Турција не доаѓаат само мигранти, туку сé повеќе и повеќе турски туристи. „Пред крајот на сезоната имавме околу 6.000 турски гости – најголем дел млади, добро ситуирани парови со високи кулинарски побарувања. Некои беа дојдени дури и со поширокото семејство: дедо и баба, родители и деца. Тука конечно можевме нешто да заработиме“, вели Молвалис.

И сопственичката на кафуле – Тениа Караманоли, е несреќна што заради бегалската криза Лезбос изгуби на углед. И таа верува дека без турските туристи, повеќето локали на Лезбос ќе бидат приморани да стават клуч на вратите. „До сега многу се лутевме на Турција и на нивните политичари. Но оваа година имавме прекрасни гости од таа земја!“

До пред 20 години, односите меѓу Турција и Грција беа многу тензични. Граѓаните на двете соседни земји почнаа да го омекнуваат меѓусебниот став дури неодамна. Пред избивањето на бегалската криза, годишно Лезбос го посетуваа околу 30.000 Турци. Годинава, до пред крајот на сезоната, имало 37.000 гости од Турција. Од друга страна, бројот на гостите од другите европски држави падна од 64.000 – на 24.000.

И на Самос иста приказна

И на Самос, кој исто така е близу турската обала, се многу благодарни на турските туристи. „Муслиманските туристи се нашите најдобри гости“, вели Маркос Которос – сопственик на рибен ресторан во Питагорион. Мариа Аксиоту – која работи за една рент-а-кар агенција, за Њусвик раскажува дека оваа година имала 7.000 турски клиенти. „Не се баш сите многу културни и не секогаш се придржуваат до договорените рокови, но ние тоа го прифаќаме. Бидејќи, што би правеле ние годинава да не беа тие?“

Едно е јасно: бегалската криза и тешката ситуација на северноегејските острови ја ставија грчката туристичка бранша пред нови искушенија. Но од друга страна, сите се сложуваат дека истата таа криза ги зближи Грција и Турција.

- Реклама -