Европа, ГМО и дупките во законите

Еден ден, работата на Стефан Јансон може да го одведе во затвор. Неговиот потенцијален криминал: одгледување на мали градинарски треви и растенија кои се генетски модифицирани да растат бавно. „Ќе биде интересно. Ќе дојде ли полицијата да ги побара?“, се шегува универзитетскиот професор од Umea во Шведска. А причина за полицијата да дојде и да му ги земе семињата и да го уапси, и има, и нема.

enhanced-mid-22822-1462561830-6[1]
Од лабораторијата на Јансон.

Генетичарите не се баш од типот на луѓе што сакаат да ги тестираат законите, но истражувањето на Јансон се наоѓа во сивата легална зона на Европа. Пред 15 години, Европската Унија присвои правило со кое им забрани на сите земји да одгледуваат свои генетски модифицирани семиња. За разлика од САД, кои имаат одобрено десетици ГМО-а од средината на 1990-тите па наваму, Европа има многу построг регулаторен однос кон истите, фокусиран повеќе на самиот начин на кој се произведуваат, отколку на крајните продукти. Увозот на храната што содржи ГМ состојки во Европа е лимитиран, но виртуелно такви култури не се дозволени за одгледување во Унијата. Клучен збор е „виртуелно“.

Проблемот е што европските регулативи ги дефинираат ГМО-ата базирано врз тоа како тие беа правени уште во далечната 2001-ва година, кога процесот вклучуваше инсертирање на гени од други видови. Но, оттогаш па наваму, научниците најдоа нови начини за правење на малечки, некогаш и невоочливи промени во семињата, посевите, микроогранизмите и животните, без да мешаат материјал од други видови. Една од најпопуларните такви техники е таканаречената CRISPR, која сé уште ја немаме совладано колку што би требало, барем според скептиците.

И, дали овие нови генетски модифицирани семиња се ГМО? Европската комисија уште во 2007 назначи тим од експерти да се занимаваат со ова прашање, но дебатата уште трае. Експертската група требаше да донесе легален заклучок до крајот на 2015-та, но таква одлука сé уште нема.

Ако комисијата утврди дека новата техника на генетско модифицирање е исклучок од регулативата од 2001, таа „дупка“ ќе можат да ја искористат куп компании кои тогаш ќе можат по прв пат да продаваат и одгледуваат овошје и зеленчук што е генетски резистентно на болести или суша т.е. со други зборови – генетски модифицирано. Јансон и неговите колеги истомисленици се воодушевени од таквата можност, особено што тогаш нивните истражувања ќе бидат многу повеќе финансирани, послободни, а ќе имаат и поголем пазар на располагање – во моментов пазарот со семиња во Европа тежи околу 7 милијарди долари.

Но, комисијата може да го реши и обратното. Иако добар дел од водечките научни институции и независните студии тврдат дека ГМО-ата не се опасни по здравјето, тука се и некои политички моќни организации кои сметаат поинаку, како што е Гринпис.

„Ако ослободиш нешто во животната средина, ти губиш контрола врз истата“, вели Питер Мелчет – директор на Soil Association, која е една од најголемите лоби групи во корист на органската храна во Британија.

Во меѓувреме, Европа не е единствената каде што новите технологии за генетско модифицирање не се совпаѓаат целосно со законите. Легални дупки има дури и во земјите што генерално се пријателски настроени кон ГМО-ата, а меѓу нив и САД. Министерството за агрикултура (една од трите институции кои ја надгледуваат употребата на ГМО), на пример, ги регулира посевите што содржат делови од ДНК на други посеви, ама не ги регулира семињата модифицирани на други начини. Минатиот месец, САД дадоа зелено светло на првата CRISPR-модифицирана култура – печурка што не потемнува, која сега може да биде одгледувана и продавана без понатамошна регулатива и надгледување.

gmo

Регулативата на Европската Комисија од 2001-та ги дефинира ГМО-ата како такви што се модифицирани на начин што не се јавува преку „парење“ или други природни начини. Ова правило – кое секоја од ЕУ земјите го инкорпорираше на малку поразличен начин од другите – забранува техники како што е ставањето на гени од бактерии во семињата и генерално техники што беа популарни тогаш, пред 15 години. Но, CRISPR и сличните технологии што беа измислени во текот на изминатата декада се способни да направат многу помали измени на геномот, на ниво дури и на само неколку DNA букви. Организмите што резултираат од таквата модификација немаат „странска“ DNA, што значи дека не можат да бидат разликувани од нивните „природни“ пандани, а уште помалку регулирани.

Венди Хардвуд од Џон Инс Центарот во Норвич, Англија, експериментира со CRISPR од пред неколку години. Вели дека степенот на прецизност на овој метод значително ја има забрзано истражувачката работа на нејзиниот тим. Сепак, Хардвуд истакнува дека CRISPR, како и другите техники, е способен да прави и големи, видливи измени во геномот, не само мали. Тоа само значи дека е тешко да се извлече еден единствен генерален заклучок за индивидуалните ризици и бенефити на секоја посебна технологија.

„Обидот да се стават во ист кош и да се дојде до некаква соодветна регулатива што го покрива целото поле, едноставно не може да биде успешен“, вели Хардвуд.

Другиот голем проблем со новите техники на модифицирање е – па, тоа што се нови. Во научните журнали секојдневно никнуваат нови откритија околу CRISPR методот, а противниците се залагаат дека треба да биде регулиран сé до моментот кога научниците ќе го разберат подобро начинот на кој работи. Фората е што CRISPR некогаш афектира гени кои научниците немаат намера да ги модифицираат.

„Технологијата можеби е прецизна“, вели Мелчет од Soil Association, „ама тие (научниците) прецизно модифицираат нешто што само генерално го разбираат и одвај го гледаат“.

Од друга страна, не сите анти-ГМО активисти имаат ист став околу новите методи на ГМ, особено околу CRISPR. Урс Нигли – истакнат европски научник на агрикултурната сцена, за германски весник изјави: „Има голем потенцијал“.

Не се знае во која насока ќе заврши одлуката на Европската Комисија, вели Џеф Волт, професор на Државниот универзитет на Ајова. „Европјаните, ако сакаат ова да го спроведат на унифициран начин, ќе мораат да прочешлаат многу прашања пред да донесат решение“.

И да се утврди дека CRISPR е против регулативата од 2001-ва, на научниците како Хардвуд и Јансон и понатаму ќе им биде дозволено да експериментираат со генетски модифицирани култури, но само во лабораторија. Најпогодени ќе бидат научниците и компаниите кои сакаат да одгледуваат и продаваат лиценцирани ГМО производи во Европа.

enhanced-mid-17658-1462562185-6[1]

Пример за таква е Cibus од Сан Диего, која модифицира семиња со комбинација од неколку технологии кои се разгледувани од комисијата. Минатата година, пробните жетви во Велика Британија и Шведска беа паузирани, бидејќи комисијата побара Cibus да го чека официјалниот легален став. Но, од друга страна, Германија, Шпанија, Шведска, Ирска, Финска, а се разбира и Шведска и Британија, веќе ѝ потврдија на компанијата дека нивните производи нема да ги сметаат како нарушување на регулативата од 2001 година, тврдат од Cibus.

Во меѓувреме, интерните регулаторни тела во некои земји направија хаос, носејќи своеглави одлуки по прашањето. Лани, една германска агенција реши дека CRISPR и другите техники спаѓаат во законот од 2001, само за потоа да биде демантирана од друга германска агенција која го изведе спротивниот заклучок. Во ноември, пак, шведскиот Борд за агрикултура рече дека ќе дозволи одредени примени на CRISPR, со сé таа на Јансон, ама не и сите.

И така, сега Јансон е во чудна позиција – има зелено светло од Шведска, ама ризикува дека Европската Комисија ќе се премисли и ќе наметне нови локални закони. Во таква ситуација, можеби ќе треба да паузира или дури и да ги уништи своите експерименти, смета тој. Сепак, во меѓувреме, продолжува со својата работа и веќе ова лето се надева да почне со пробните посеви. А ако „цајканите“ се појават на неговата врата, се смее Јансон, „им посакувам среќа. Нема да знаат да препознаат кои се илегалните помеѓу другите растенија наоколу. Не можат ни да ги откријат, бидејќи меѓу нив нема разлика“. Барем не видлива.

- Реклама -