Ај да повториме: 8-ми март и што се слави на денот?

iwd02[1]

„Среќен 8 март, мамо!” – го пишувавме со детски ракопис. Потоа навикнавме да го честитаме празникот: на соученичките, на пријателките, колешките, на жената до нас. Жените, тие што од мали ги облекуваа во розево, навикнаа насмеано да ги прифаќаат букетите, честитките и подароците. Други, пак, со презрива гримаса ги отфрлаат: „тој комунистички празник“… Голема конфузија владее околу датумот 8 март, па ајде да се потсетиме зошто се слави денов.

8-ми март е Меѓународен ден на жената, кој ја одбележува борбата на жените за еднакви права во целиот свет; до тука е добро.

Историјата:

На 8 март 1857 година, во Њујорк, жените од кројачките и текстилните претпријатија излегуваат на протест против лошите услови за работа и ниските плати. Работничките се нападнати и растерани од полицијата. Две години подоцна, во истиот месец, овие жени го создаваат својот прв работнички синдикат.

Следните години следуваат други протести, од кои најпознатиот е оној од 1908 година, кога жените организираат марш во Њујорк барајќи пократок работен ден, подобри плати и право на гласање. Во 1910 година, во Копенхаген се одржува првата меѓународна конференција на жените, на која, по предлог на германската социјалистка Клара Цеткин се прифаќа: секоја година да се слави денот на работничките и секоја година да се слави нивната меѓународна солидарност во борбата за рамноправност со мажите во сите јавни сфери на животот.

Во 1977 година, Генералното собрание на ОН ја донесува одлуката 8 март да биде прогласен за Меѓународен ден за правата на жените и за мир.

Идејата:

Жените отсекогаш морале да се борат за своите права, без разлика во која земја и во кој историски период се наоѓале. 8 март, Меѓународниот ден на жените, е одличен повод да поразговараме за нерамнотежата и за проблемите со кои се соочуваат жените во светот. 8 март не е ден за купување на рози, парфеми и други подароци. Не ни е потребен посебен ден за да ја покажуваме љубовта и почитта кон мајките, другарките, сопругите и ќерките.

Потребен е ден на кој мажите и жените отворено разговараат за семејното насилство, за силувањето, за дискриминацијата, за сексизмот, за феминизацијата на сиромаштијата и, пред сé, за тоа дека нерамнотежата на жените во општеството не е само женски проблем, туку е проблем на општеството. Тоа е проблем на целото човештво.

Денес е 8 март. Да го одбележиме празникот со признание не само кон оние кои ги сакаме, туку и кон оние на кои жените им ги должат своите права. Без нив, нашите мајки, сопруги и сестри денес можеби немаше да можат да гласаат, да се образуваат и да се слободни да го избираат својот професионален и личен пат. Сето тоа е резултат на нечија долггогодишна борба.

А таа борба, против нееднаквоста, насилството и стереотипите, продолжува и денес ширум светот, а во првите борбени редови треба да застанат и мажите.

Среќен 8-ми март!

- Реклама -