Закажана изложбата со слики на Пикасо

Младинскиот културен центар во соработка со приватната галерија Висконти од Љубљана, Словенија и официјално ја најави изложбата на дела од големиот шпански сликар Пабло Пикасо, која ќе биде бесплатна за посетителите.

12650901_1142242775785801_3878020014040363904_n-702x336

Изложбата ќе биде отворена од 19 февруари до 16 март, и на неа ќе биде претставена збирка од четириесет и шест графички дела на Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, кои го опфаќаат временскиот период од 1932 до 1969 година.

„Во сржта на збирката се наоѓаат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела“, соопштуваат од МКЦ.

Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и Лазар Вујиќ. Реализацијата, пак, е помогната со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

Пабло Пикасо е еден од најзначајните и влијателни уметници на 20 век и татко на уметничкиот правец кубизам. Овој голем автор има посебна врска со Скопје. Во знак на солидарност по скопскиот земјотрес тој лично го подарил делото „Глава на жена“, кое е дел од колекцијата на Музејот за современа уметност.

Претходно, од МКЦ најавија дека покрај Пикасо, оваа година, македонската публика ќе има можност да ги види и делата на големите мајстори на американскиот поп-арт, Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн и Роберт Раушенберг.

- Реклама -