Дени Трејо: Бегство од затвор кон врвот на Холивуд

danny-trejo-lawyer-hed-2015[1]

Дени Трејо е од оние актерите чие име веројатно малку ви значи, ама кога ќе му ја видите фацата одма ви текнува дека го гледате толку често ко да ви е комшија. Ништо чудно, Дени Трејо е еден од најпрепознатливите „бед-ес“ ликови на Холивуд и го има во повеќе од 300 филмови, од почетокот на неговата актерска кариера во средината на 1980-тите – до денес. Но, пред да стане еден од највредните холивудски актери, Дени Трејо скапувал по затвори, и тоа за злодела во вредност од 3 гасни комори.

Роден е во Калифорнија, а како млад ја има поминато речиси секоја поголема казнено-поправна установа во Фолсом, Соледад и Сан Квентин. Додуша и тогаш бил славен – Трејо бил познат по неговите импресивни боксерски вештини, а како што тој самиот тврди, тој бил шампионот во лесна и велтер категорија во речиси секој затвор каде што има лежено. По една не толку дамнешна посета на неговата поранешна ќелија, тој истакнува: „Не беше страшно. Беше као – преживуваш лош сон и веќе не си во состојба да го скриеш фактот дека се плашиш до коска. Ок, си велиш, јас сум најопасниот мајкоебач овде! Знаете? Се искачив на врвот! Е па, се враќаш назад и веќе не си во состојба да се лажеш себе си. Бев на врвот, ама бев на врвот на куп од гомна“.

Неговиот животен пресврт се случил во 1968-та, кога на Cinco De Mayo (5 мај, празник на мексиканската армија), Трејо и уште неколку други затвореници започнале затворски бунт. За време на хаосот, Трејо сериозно повредил еден од стражарите, удирајќи го во главата со камен. Денешниот Трејо не го порекнува ова, но се правда дека всушност нишанел кон некој друг, а стражарот застанал на патот. Сеедно, по инцидентот, Трејот бил сместен во самица, при што го увериле дека ќе биде осуден на смртна казна, со оглед на тешките обвиненија што биле покренати против него. Имал само 24 години, но долга листа на криминална репутација (првиот вооружен грабеж го извршил на 14 години) и не очекувал дека ќе се извлече од таквата ситуација, напротив, бил уверен дека му се ближи крајот. Тоа било времето кога почнал да му се моли на Господ, се сеќава актерот: „Господе, ако си таму, сé ќе се случи како што било пишано. Ако не си таму, сум наебал“.

На крајот, Трејо завршува слободен како птица. Среќна околност е што немало ниту еден сведок што се понудил да сведочи против него, за ниту едно од обвиненијата со кои бил товарен. „3000 затвореници, а немаше сведоци“, се присетува Дени. Токму тоа е моментот кога решава да си го смени животот за 180 степени (360 би бил цел круг и пак на исто) и почнува да се држи настрана од дрога и алкохол, негови добри другари уште од 8-годишна возраст (почнал со хероин на 12 години!). „Беше чиста математика – секогаш кога бев уапсен, во равенката имаше дрога или алкохол. Секој пат“, вели „Maчета“.

Кога бил пуштен на условно една година подоцна во 1969-тата, се запишал на неколку програми за откажување од дрога и помош на нарко-зависници, по што станува и советник за зависности, работејќи со тинејџери и млади зависници. „Знаев дека единствениот начин да останам надвор од затвор е да го посветам мојот живот на помагање на други луѓе. Луѓето што се „чисти“ и трезни прават добри дела за другите и изгледа имаат добри животи. Имав неколку големи падови во животот. Но, секогаш кога нешто добро ќе ми се случеше, тоа беше директна последица од тоа што сум му помогнал на некој друг“, вели Трејо.

И така, неговата кариера почнува како резултат на еден телефонски повик од едно младо момче на кого актерот му бил советник во 1985-тата. 18-годишникот се пожалил дека е пред искушение од големи количини на кокаин и дека му треба помош. Дени ја запишал адресата и веднаш се упатил на филмскиот сет, каде што 18-годишникот работел. Се работело за снимањето на Runaway Train, во 1985-та, кога филмските продуценти воопшто не криеле дека користат кокаин, а дрогата стоела на маса достапна за секој во близина, објаснува Трејот.

„И така, јас сум таму, а еден тип доаѓа и ме прашува дали сакам да бидам екстра. Јас го прашав: Екстра што? А тој вели: Можеш ли да глумиш затвореник? Мислев дека се шегува. Поминав 11 години во затвор, па му реков „Ќе се обидам“.

portraits_026

Кога Трејо ја соблекол маицата за да ја облече затворската униформа, сценаристот Едвард Банкер, кој лежел во затворот Сан Квентин во исто време кога и Трејо, ја препознал неговата тетоважа на градите – бујна жена што носи сомбреро (тетоважата претставува една од легендарните каубојки кои се бореле во Мексиканската револуција). Сеќавајќи се на неговите боксерски вештини, му понудил да го тренира главниот актер Ерик Робертс (брат на Џулија Робертс) и да се појави во улога на негов противник во филмскиот ринг.

„Кога ми кажаа дека ќе ми плаќаат 320 долари на ден (750 денешни долари), јас прашав: Колку тепан сакате да биде? Тие ми одговорија дека не смеам да го повредам и дека треба да бидам многу внимателен затоа што Робертс е под голема тензија и може да почне вистински да замавнува кон мене. Јас им реков дека за 320 долари, можат слободно да му дадат и бејзбол-палка“, раскажува актерот.

По улогата во Runaway Train, Трејо станува актерски симбол за криминалец, оној што режисерите обично го врбувале со едно обично „Само донесете ми го оној Мексиканецот со големата тетоважа“. „Се сеќавам кога прв пат ме интервјуираа. Беше една млада Чикана (американка со мексиканско потекло), штотуку излезена од колеџ, ме праша: Дени, нели ти смета што од тебе направија стереотип? Секогаш глумиш опасен Чикано батка со тетоважи. Ја кренав маицата и реков: Што зборуваш? Па јас СУМ опасниот Чикано батка со тетоважите!“ – вака Трејо објаснува дека нема ништо против таквиот стереотип, а згора на тоа додава и дека му е од корист да игра негативец: „Во филмовите, секогаш има место за само еден добар лик, ама секогаш има многу лоши момци. Немам проблем со тоа“.

Тврди дека немал многу потешкотии при глумење на улогите. Каде што фалел традиционалното актерско искуство, Трејо компензирал со неговите сеќавања од деновите поминати во затвор. „Кога си во затвор и нешто гадно се спрема да се случи, навистина посакуваш да си заклучен во ќелијата. Но, наместо тоа, ти треба да стоиш таму и да се преправаш дека не ти е страв. Тоа е глумење“.

Добар пример е една ситуација од неговата рана кариера кога снимал сцена во која требало да ограби продавница, со тоа што требало да носи сачмарка и со нога да ја скрши влезната врата, а потоа да држи 15 заложници. Сцената била снимена од прв обид, а членовите на филмската екипа со неверување го прашале: „Боже мој, каде го научи ова?“, на што Трејо искрено одговорил: „По супер-маркетите и банките низ Америка“.

Да, не е хипербола. Во неговата младост, тој ограбил неколку продавници и банки. Неговата стратегија за банките била како излезена од филм. Принципот бил прво да го предизвика алармот на банката, демек случајно, за да измери колку време и треба на полицијата да пристигне. Подоцна тој и неговите соучесници ќе украделе кола и ќе ја ограбеле банката, овој пат навистина, без да создаваат паника и без да предизвикаат некој да биде застрелан, сето тоа пред да пристигнат полицајците. Планот успевал. Трејо не бил фатен во ниту еден од неколкуте вооружени грабежи на банки – секогаш бил фатен со дрога.

По неколку години како спореден актер, Трејо има толку многу улоги што му се случува да се види во некој филм и воопшто да не се сеќава кога го снимал. Холивуд конечно почна да го препознава како свој бренд, како еден од највредните и најплодните актери. Покрај големите наслови по кој е препознатлив (Con Air, Heat, Desperado, Machete, Spy Kids), Трејо сé уште се обидува да глуми и во барем неколку студентски филмови годишно. „Не смее да се заборави радоста и страста на некој нов режисер кој одвај собрал 100.000 долари и е полн со ентузијазам“. За Трејо тоа е неверојатно искуство, но и акт на помагање – и самото присуство на Трејо е доволно за значително да го забрза процесот на финансирање на филмот.

machete-danny-trejo-machete-kills-vest-hero-breaking-bad-4bd553014a2b7fdf9beb16b208df83e8-large-226364[1]

А кога не глуми, 71-годишниот „Мексиканец со тетоважа“ продолжува да ги советува младите околу алкохолот и дрогите, користејќи ја својата репутација и животното искуство за да допре до срца до кои никој друг не може.

„Мојата страст е да зборувам со децата – дарбата да можам да влезам во сала полна со млади кои обично воопшто не ви придаваат внимание… но заради мојата улога во Machete, моментот кога ќе влезам во салата ја имам сета нивна концентрација. Заради овој филм можам да влезам во секој затвор, во Сан Квентин, и децата ме слушаат. Не слушаат психолози, родители, наставници, никој, но за мене прават исклучок бидејќи ми веруваат и знаат дека ги разбирам нивните животи. И се разбира дека ги разбирам, дури и пред да снимам филмови. Мојата порака кон нив е: „Не пиеме, не се дрогираме, помагаме на другите и нашите животи стануваат подобри. Најважно, верувајте во себе“.

За својата актерска кариера ќе рече дека за него е како да е градежник, водоводџија или молер. „Многумина во филмскиот бизнис гледаат на глумата како да е нешто специјално. За мене, тоа е само работа“. Ништо чудно, со оглед дека Трејо и не е некое глумчиште. Ама дека е човек-инспирација и дека ја заслужува секоја почит за тоа како си го трансформирал животот, е.

- Реклама -