Исповед на совеста

Не памтам кога последен пат ти имам пишано, ама еве денес ме мачи нешто што морам да го споделам.

Пред година дена, во дуќан – фотокопир, ни влегоа татко и ќеркиче. Човекот беше парталав, инвалид на штаки, а половина од лицето му беше деформирано. Одвај зборуваше, се чинеше дека гласните жици му се целосно оштетени. Девојчето беше второ одделение, носеше некое старо немодерно фустанче и едното окце му беше преврзано со завој. Човекот ни подаде позајмен учебник и не замоли да го ископираме. 70 денари беше цената. Никој од блиските 4-5 копирници не им излегол во пресрет.

…Да се нафатевме, ќе не чинеше максимум 10 минути работа, а баш и немавме друга во моментот. Дуќанот, пак, ќе го „оштетевме“ за 30-тина денари, што лесно можевме да ги покриеме. На крај краева, милион пати му имавме копирано бесплатно на адвокатот над нас.

Нема да ги заборавам тие лица. Таткото изгледаше скршен, опериран од било каква гордост, решен да направи сé што е потребно за неговата принцеза да има учебник како што имаа другите деца. Девојчето, од друга страна, плашливо и загрижено го гледаше додека нé преколнуваше да им помогнеме и го влечеше за рака како да му вели: „Остави ги тато, нема да попуштат. Твојата крената глава ми е поважна!“. Кога ќе погледнеше кон нас, погледот стануваше прекорен, лишен од секаква надеж, поглед што ни за момент не се излажал дека луѓето од другата страна на пултот може да се нешто друго освен ладни камења.

Јас бев новиот вработен. Не бев во позиција да одлучам. Бев ли? Сеедно, многу добро знам што ќе направев, а уште подобро знам што не направив.

…Додека мојот колега, кој му беше и повеќе од десна рака на газдата, скоро рамнодушно повторуваше „Не“ и „Извини, не можам“, во мојата глава јас трчав по таткото и ќерката и скришно им давав 70 денари за да се вратат и демек да ја платат копијата, или ако не, да ја ископираат книгата во соседната копирница, наш директен „бизнис конкурент“. Во реалноста, стоев таму како идиот со пресечен јазик. Се исплашив како тоа ќе го сфати колегата и како ќе му го пренесе на газдата.

Не фантазирам дека ископираната книга магично ќе им го сменеше животот, засекогаш. Не верувам дека девојчето ќе беше најдобро во класот и ќе станеше CEO на некоја позната компанија, како во шит филмско сценарио. Ама сигурен сум дека ќе им дадеше надеж и волја на овие несреќници, кои очигледно добро ја познаваа сета суровост на животот и луѓето, да се борат барем уште еден ден повеќе.

Денес веќе не работам таму. Не знам ништо за колегата или за газдата. Не сме си битни. Со девојчето, пак, сме другари. Одвреме-навреме ќе ми наврати пред или после сонот, како денес во 08:16, за да се дружиме. Таа пробува да ме направи подобар човек, јас пробувам да и се извинам.

- Реклама -