Пародијата на Гринпис уште пред 4 години предупреди за Фолксваген

Се сеќавате на суперпопуларната реклама на Фолксваген, онаа со детето облечено како Дарт Вејдер, кога пробува да придвижи предмети со помош на Силата, така?

Е па, малку подоцна по оригиналот, пред четири години, беше објавена и пародија на истата – дело на еколошката организација Гринпис. Во неа се говори токму за мрачните тајни на компанијата кои денес, откако се обелодени големиот скандал околу емисијата на штетни гасови, ја оставија јавноста со подзината уста и бледо неверување во погледот. Сега Гринпис одново ни ја плеска во фаца нивната верзија на рекламата, во контекст на „Ви рековме?“.

Организацијата предупредуваше дека Фолксваген им плаќа милиони и милиони евра/долари на лобистите, со цел да ги сокрие точните податоци. Во пародијата стои:

„И покрај тоа што се обидува да се претстави како еколошки производител, Фолксваген е во средиштето на групата компании кои се против новите закони за намалување на емисијата на јаглен-диоксидот, против смалувањето на користењето на моторни масла и против заштитата на места како Арктикот од климатски промени. Само побуна може да ги запре – голем број на луѓе од целата планета кои бараат промена. Потребни ни сте да бидете дел од оваа побуна“.

Сега кога нечистите гаќи на автомобилските гиганти се пафтаат по насловните страни на светските медиуми, Гринпис објавија и продолжение на пародијата, во која ја прославуваат победата над „мрачните сили“.

- Реклама -