Градскиот мангуп од Opel

Opel официјално го најави својот најнов модел. Тој го носи името Adam, по основачот на компанијата Адам Опел и треба да биде конкурентен во класата на  градски автомобили.

Возило ќе биде официјално претставена пред јавноста во септември, на автомобилскиот салон во Париз, а продажбата ќе стартува веднаш потоа.

Opel Adam ќе им конкурира на пазарот на автомобилите како Fiat 500 и Mini Cooper. Тој е направен под ист терк како конкурентите, нудејќи многу можности за персонализација, широк избор на дополнителна опрема и најважно – многу привлечен дизајн.

Најсилен впечаток остава покривот на автомобилот, кој изгледа визуелно одделен од долниот дел на возилото. Тој може да се комбинира во две бои. Инаку, можностите за персонализација се речиси неограничени, како што велат од компанијата:

„Никој друг автомобил во овој сегмент не може да биде персонализиран како Opel Adam, бидејќи ние нудиме неограничени можности во поглед на комбинирањето на надворешниот и внатрешениот стил, боја, ткаенини, украси и широка палета на дополнителни елементи. Неверојатно е наш клиент, ако тој тоа го посакува, да види возило во иста комбинација како неговото“.

Компактното возило ќе може да се нарача во едно од трите главни нивоа на опременост – ADAM JAM, ADAM GLAM и ADAM SLAM, нудејќи широк избор на бои на каросеријата, плус три бои на покривот, различни внатрешни колорити, декори и поинаква постава на покривот, вклучувајќи верзија со вградени во таванот LED ѕвезди светла и други дизајнерски елементи инспирирани од премиум моделите.

Што се однесува до ентериерот, тој е изграден во согласност со надворешниот дел на автомобилот. Може да се видат тркалезни форми слични на хронограф, хромирани плочи на копчињата, елементи во боја на каросерија, како и новиот инфо систем на Opel, кој работи преку 7-инчен дисплеј, нуди конекција за паметен телефон со софтвер на Apple iOS и оперативниот систем Android, има интернет базирани апликации, како и GPS навигација.

Уникатно за сегментот е и опцијата за греење на управувачот, како и асистенција за паркирање (Advanced Park Assist, APA II), ESP и Hill Start Assist (асистент при поаѓање на угорници).

Моделот е надграден врз платформата SCCS, која ја користи Corsa. Интересен факт е дека оваа платформа е заеднички создадена од Fiat Group и GM Europe, а се користи и од еден од најголемите конкуренти на Opel Adam – Fiat 500.

Adam сепак е малку поголем од реинкарнираната италијанска легенда, со 3.700 милиметри должина и 1.720 ширина, со растојание меѓу оските од 2.311 милиметри. Првично моделот ќе нуди избор од три-четири мотори ecoFLEX. Тоа се 1,2 литарскиот агрегат со 70 КС и 1.4 кој нуди 87 или 100 КС. Моторите се во спрега со 5-брзински мануелен менувач и располагаат со систем старт/стоп.

Подоцна во Adam ќе се вградува и нова генерација мал бензински мотор, кој ќе располага со директно вбризгување на гориво и со турбокомпресор. Овој нов мотор ќе се комбинира и со нова генерација шестстепен рачен менувач.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -