Чудо на природата: Стаклената плажа и приказната за нејзиното настанување

Ако некој ви каже дека одредена депонија за еден век би станала заштитена област и туристичка атракција, сигурно не би му поверувале. Но, токму тоа е приказната на сега познатата „Стаклена плажа“ во Форт Браг, Калифорнија.

Некаде во последните години од 19-от век, тамошните жители немале соодветна депонија. Со оглед на близината на океанот, решението било очигледно – фрли сé што имаш од ѓубре преку работ на карпите над локалната плажа. Растечкото население на градчето продолжило со оваа пракса долги години, и тоа без двоумење и во големи размери: стакло, домашни апарати, па дури и моторни возила завршиле да скапуваат на плажата. Ова траело сé до 1960-те кога локалните власти забраниле понатамошен пристап и фрлање на ѓубре на плажата, која дотогаш веќе била позната како The Dumps („Депониите“).

Следеле акции за чистење на крупните парчиња отпад, но поминатите декади и морските бранови го направиле своето: го смачкале, разбиле и наталожиле стаклото во милиони и милиони мали, мазни, заоблени парчиња.

За многу кратко време плажата добила нов „прекар“ – Стаклена плажа. Малку подоцна била припоена кон националниот парк што го опкружува Форт Браг. Не сме сигурни дали е ова дело на моќта на природата или на моќта на иронијата, но плажата денес е заштитена со закон и е забрането да се остранува стаклото, кое патем го има во секакви форми и бои. Оние што пред децении фрлале ѓубре сега сигурно би биле изненадени, но денес помногубројни се туристите кои доаѓаат да ја видат плажата и трагаат по најуникатните парчиња стакло.

Да биде уште поинтересно, ова не е единствената таква плажа. Има уште една таква во Калифорнија – Бениција, има една и на хавајската обала во Ханепепе, а таква има и во Гвантанамо Беј. Сите овие се печат на способноста на природата да ги поправи дури и немарните човечки грешки.

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13

- Реклама -