Денешните цигари се потешки за оставање

До пред 10 години, откажувањето од цигарите беше многу полесно. Денес, зависноста е значително посилна, а апстиненцијалната криза уште потешка.

Како што цивилизацијата оди напред, така напредуваа и тутунската индустрија, заедно со индустријата за препарати за откажување од пушење. Сепак, тутунската е чекор понапред, особено откако во цигарите почнаа да се вметнуваат понови и посилни хемикалии, како одговор на многубројните лекови против зависноста од пушење. Резултатот – (според научниците) зависноста од цигари стана речиси еднакво силна со онаа хероинската, па сé потешко е да се откажете од овој штетен порок.

Експертите велат дека зависноста од никотинот настанува многу брзо и се одржува после секој вдишан дим. Никотинските рецепторите во мозокот имаат потреба од никотин на секои 20 минути. Кога ќе ја добијат потребната доза, тие ги стимулираат нервните клетки да лачат јаки опијати, како допаминот, со што вештачки се предизвикува чувство на опуштеност и благо задоволство.

Токму затоа, денес, некогашните тактики за одвикнување од пушење немаат многу ефект. Една од тие тактики е и пушењето на повеќе цигари одеднаш, што наводно би требало да развие гадење кон пушењето – денес таквиот подвиг може да се покаже како многу опасен, затоа што големата количина никотин за кратко време може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Исто така, методот на постепено намалување на бројот на испушени цигари дневно се покажува како неделотворен, бидејќи заради гореспоменатите причини агонијата само дополнително се продолжува. Антидепресивите, како најрадикална терапија за одвикнување, исто така можат да предизвикаат низа компликации.

Методите за одвикнување од пушење се делат на две групи: никотински и неникотински. При примена на никотинските препарати (кои содржат никотин во било која концентрација) вие практично ја внесувате потребната доза на никотин која инаку би ја консумирале преку пушење. Со тоа, бројот на никотински рецептори во мозокот не се смалува – вие едноставно ги задоволувате и ги одржувате во живот. Затоа за идеални се сметаат неникотинските препарати со билни супстанци, како на пример цитизинот од билката позната како „златен дожд“. Цитизинот, наводно, се врзува за никотинските рецептори и го предизвикува истото чувство на релаксација и задоволство како и никотинот, со тоа што не го одржува бројот на рецептори, туку го смалува (а со тоа и потребата).

Сепак, историјата нé учи дека битката меѓу двете индустрии, онаа што ве прави зависни и онаа што ве лечи, е долга и без јасен победник. За да излезете од магичниот круг, веројатно единствениот начин е да се потпрете на својата волја, повеќе од било кога.

- Реклама -