Земјата е во опасна зона: Мистериозната материја што ги збриша диносаурусите ќе не збрише и нас

Еден научник има нова теорија за причината за исчезнувањето на диносаурусите пред 66 милиони години и смета дека истото не чека и нас.

Во трудот објавен во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society, Мајкл Рампино теоретизира дека диносаурусите можеби биле збришани од мистериозна, невидлива „темна материја. Тој верува дека животот на Земјата многу пати бил збришан од страна на темната материја и дека истиот процес се случува одново и одново, во циклуси. Циклусите се предизвикани од минувањето на Земјата низ Млечниот Пат. Сепак, најинтересно е што Рампино смета дека токму ние и токму сега се наоѓаме во „опасната зона“.

„Темната материја“ – невидлива за нашите телескопи, се смета дека „демне“ во огромни облаци во нашата галаксија. Рампино смета дека диносаурусите биле уништени кога Земјата поминала низ темната материја во дискот на Млечниот Пат. Тој објаснува дека мистериозните честици можат да предизвикаат дождови и удари од комети, што би го загреало јадрото на Земјата до таа мера што би еруптирале вулканите низ целата планета.

„Нашето Сонце орбитира околу Млечниот пат на секои 250 милиони години – проследено со циклуси од удари од комети и зачестени вулкански ерупции, кои коинцидираат со неговиот премин низ Млечниот пат“ – објаснува Рампино. „Темната материја (и видливата материја) во дискот на Млечниот пат гравитационо го пореметуваат Ортовиот облак со комети, на самиот раб на соларниот систем, и некои од нив паѓаат кон внатре, во правец на Сонцето“.

Честиците на темната материја исто така можат да предизвикаат и вулкански ерупции.

„Честиците на темната материја можат без проблем да поминат во Земјата, бидејќи многу слабо интерактуваат со обичната материја. Штом се заробени од гравитацијата, тие губат енергија и паѓаат кон центарот на Земјата… Таму, честиците можат да се концентрираат толку многу што е доволно за да се поништат едни со други. Ова создава екстра извор на топлина што може да предизвика промена во циркулацијата на јадрото и еруптирање на жешка лава низ неговата кора“.

Рампино смета дека Земјата токму сега се наоѓа во дискот на Млечниот пат, т.е. „опасната зона“, што може да предизвика удари од комети и ерупции. „Последен пат бевме на позиција на средина на дискот пред 3 милиони години, па всушност сега сме во зоната. Неколку научници исто така сметаат дека токму сега сме среде кометски дожд“, вели тој.

- Реклама -