Повеќе детали за новиот Toyota Yaris

Јапонскиот производител Toyota откри нови детали за обновениот компактен модел Yaris. Откако пред еден месец компанијата ги откри екстериерот и ентериерот на автомобилот, сега следат детали за погонските агрегати и механиката.

Опишан од производителот како подинамичен и поемоционален, новиот Yaris ќе стапне на пазарот во Европа со избор од четири погонски агрегати, кои ги покриваат Еуро 6 нормите – два бензински, дизел и еден хибрид.

Основниот модел ќе се нуди со 1.0-литарски бензински мотор со три цилиндри, кој генерира 69 КЅ и 95 Nm. Најмоќниот бензинец ќе е со зафатнина од 1,33 литри и генерира 99 КЅ и 125 Nm, а дизел моделoт се потпира на 1.4 литарскиот агрегат на компанијата, кој испорачува 90 КS и 205 Nm. Хибридот комбинира бензински мотор со зафатнина од 1,5 литри и електромотор со вкупна моќност од 100 КЅ .Во моментов не се нудат конкретни информации за динамичките карактеристики на обновениот Yaris. Единствено се напоменува дека просечната потрошувачка на гориво кај хибридна верзија е сведена до 3,3 l/100 km.

Реновираниот Yaris доби промени и во структурата, па демонстрира поголема отпорност на торзија. Промени има исто така при амортизацијата, електричното серво и задната суспензија, што го подобрува комфорот во кабината за време на патувањата. Продажбата на Yaris во Европа треба да започне во следните неколку месеци.

- Реклама -