Потпишана Конвенцијата со која се бара вештачката интелигенција да ги почитува човековите права

Тоа е првиот правно обврзувачки меѓународен договор кој има цел да обезбеди системите за вештачка интелигенција да ги почитуваат човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Израел, Андора, Грузија, Исланд, Норвешка, Молдавија и Сан Марино исто така ја потпишаа конвенцијата на неформалната конференција на министрите за правда на членките на Советот на Европа во главниот град на Литванија, соопшти Советот на Европа.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, рече дека се надева дека ова ќе биде прв од многуте потписи и оти брзо ќе следуваат ратификации, со што договорот ќе стапи во сила што е можно поскоро.

„Треба да се осигураме дека растот на вештачката интелигенција ги поддржува нашите стандарди, а не ги поткопува. Рамковната конвенција е дизајнирана да го обезбеди токму тоа“, рече таа.

Советот на Европа соопшти дека договорот обезбедува правна рамка која го покрива целиот животен циклус на системите со вештачка интелигенција, промовира напредок и иновации, а истовремено управува со потенцијалните ризици за човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

Рамковната конвенција беше усвоена од Комитетот на министри на Советот на Европа на 17 мај, а за договорот преговараа 46 земји-членки на Советот на Европа, Европската Унија и 11 земји кои не се членки (Аргентина, Австралија, Канада, Костарика, Светата столица, Израел, Јапонија, Мексико, Перу, САД и Уругвај). Како набљудувачи придонесоа претставниците на приватниот сектор, граѓанското општество и академската заедница.

Европската комисија соопшти дека конвенцијата е целосно компатибилна со Законот на ЕУ за вештачка интелигенција, кој стапи на сила на 1 август. Во наредниот период Комисијата ќе подготви предлог за одлука на Советот на ЕУ за склучување на Конвенцијата, а согласност треба да даде и Европскиот парламент.

Договорот во име на ЕУ го потпиша потпретседателката на ЕК за вредности и транспарентност, Вера Јурова.

Конвенцијата ќе стапи во сила три месеци откако ќе биде ратификувана од пет потписнички, вклучително и најмалку три земји-членки на Советот на Европа.

Земјите од целиот свет имаат право да ја потпишат Конвенцијата.

Извор: Н1

- Реклама -