Погледот на Земјата од вселената е добар за срцето и умот

article-1329943-0C16412D000005DC-361_964x634[1]

Луѓето што ја имаат видено Земјата од вселената пријавуваат „когнитивна промена во свеста“. Вселенскиот филозоф (филозофира за вселената, не филозофира од вселената) – Френк Вајт, го нарекува „the overview effect“. Астронаутите често го доживуваат како искрено и длабоко чувство на воодушевеност и интерконекција, а меѓу другото и како обновено чувство на одговорност за грижа за околината.

Истражувањето и разбирањето на менталните здравствени бенефити од вселенското летање е важно не само заради продлабочување на нашето знаење околу тоа како да ја подобриме психолошката добросостојба на астронаутите за време на вселенските мисии, туку и заради позитивните аспекти кои можат да се искористат овде, на Земјата.

ГО ПРОШИРУВА УМОТ

Седум пензионирани астронаути на НАСА беа прашани околу „overview“ ефектот и неговата терапевтска вредност, како и за личниот духовен раст кој се јавува како последица на истиот. Секој од прашаните одговори дека искуството предизвикува чувство што е комбинација од неизмерна почит, страв и чудо, и дека им помогнало да формираат позначајни, подолготрајни и позитивни врски со татковинската планета.

Анализите покажуваат дека партиципантите воглавно потпаѓаат во две групи, базирани врз интензитетот на промените што ги доживуваат во контекст на ставот и односот кон планетата и сé на неа. Се чини дека далечината го „активира“ срцето – физичката сепарација од „мајката Земја“ значително им помогнало на астронаутите да почнат да ја ценат убавината на животот и да ја зајакнат својата врска со нашиот планетарен дом. Претходните истражувања покажуваат дека да се биде разделен од Земјата може да вроди и со сепарациона анксиозност – каква што се јавува кај децата поради страв од напуштање на емоционално блиските личности – во овој случај позната како „breakoff“ феномен. Сепак, ваквата состојба може и да ја зацврсти приврзаноста и зависноста на човекот од Земјата. Од перспектива од вселената, на нашата планета нема видливи поделби и граници. Набљудувачот ги перцепира и двете како безначајни. На Земјата се гледа како на „жива био-сфера“ и „кревка оаза“ која го засолнува и негува животот, за разлика од суровите околности во празнината на вселената.

Астронаутите за кои зборуваме ја имаат обиколувано нашата планета по 16 пати на секои 24 часа, искуство што им овозможило детално да се запознаат со нејзината топографија и пејзаж. Дел од нив, првично биле привлечени од структурите изградени од човекот – мостови, патишта, пристаништа и ноќните светла на градовите. Сепак, сите се согласуваат дека најсуштинската, најсирова убавина, Земјата ја „фрцка“ преку ден. Секој еден од нив бил преплавен со чувства, гледајќи колку „кршлива“ и „осамена“ изгледа сината убавица таму, во вселената.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

Не е исклучен ниту шокот од глетката на човечкиот импакт врз неа, како што е уништувањето на шумите и загадувањето. Еден од астронаутите, Роналд Гаран, ја истакнува „отрезнувачката контрадикција помеѓу нејзината убавина и неправедностите и несреќната реалност на неа“. Ова пак, кај астронаутите предизвикува состојба на тензија, која психолозите ја нарекуваат „когнитивна дистанца“ – стрес и неспокој што се јавува кога човек негува контрадикторни верувања, идеи и вредности.

ЧУВСТВО НА ЗНАЧАЈНОСТ

Уште еден важен аспект е тоа што, изненадувачки и за самите нив, астронаутите ниту еднаш не доживуваат чувство на безначајност. Напротив, се јавува спротивното. Едно од објаснувањата е дека кај нив се јавува длабока поврзаност со Земјата, па со тоа стануваат дел од нешто многу поголемо и позначајно од самите нив. За сите нив е воодушевувачки фактот што нашата планета воопшто постои и се наоѓа токму во „златната зона“ на нашиот соларен систем (не е ниту претопла, ниту преладна, токму идеална за да поддржува течна вода, која пак е основата на животот). Кај нив се развива т.н. „космичка свест“, која резултира со зголемена жилавост и отпорност на егзистенцијалните предизвици овде на Земјата.

Секој од партиципантите тврди дека се вратил со многу поголема почит кон нашата планета и многу поспремен и понаклонет кон солидарноста, а многу помалку кон индивидуализмот; со тоа и со зголемена готовност за борба за заеднички цели, како што се климатските промени. Ефектите траат до ден денес, години и години по враќањето.

https://www.youtube.com/watch?v=njCDZWTI-xg
^Поглед на Земјата од вселената – лајвстрим од Меѓународната вселенска станица

ВО МЕЃУВРЕМЕ, НА ЗЕМЈАТА

За оваа наша популација, која забрзано расте и старее со сé повеќе чувство на отсеченост и индивидуалност, нужно е да работи на иднината на своето ментално здравје. Ако погледот на Земјата од вселената може да индуцира чувство на смиреност, значајност и еуфорија, тогаш човештвото треба да размисли околу тоа како да ги рекреира и искористи овие аспекти овде – на Земјата. Психолозите, со помош на фотографии, виртуелна реалност и видео снимки, имаат можност да го користат како терапевтска алатка со која ќе промовираат добросостојба, ќе го минимизираат стресот, па дури и ќе ја намалуваат огорченоста поврзана со крајот на животот. Неискористувањето на еден таков апсолутен, чист и моќен коректор на умот и срцето, би било чиста лудост, смета Вајт, а и јас.

- Реклама -