Тенисерот број еден во светот Италијанецот Јаник Синер се откажа од настапот на Олимписките игри во Париз поради воспаление на крајниците, објави Италијанецот на социјалните мрежи.
„Со тага ве информирам дека, за жал, нема да можам да учествувам на Олимпијадата во Париз“, напиша Синер во објавата на X.
„По квалитетниот тренинг на земја, почнав да се чувствувам лошо. Поминав неколку дена во одмор и при посетата лекарот констатира тонзилитис и строго ме советуваше да не играм. Разочаран сум бидејќи Олимписките игри ми беа една од главните цели ова сезона. Едвај чекав да ја имам честа да ја претставувам мојата земја на овој многу важен настан. Среќно на сите италијански спортисти“, додаде 22-годишниот Италијанец.
Поради болест и висока температура, Синер најпрво го одложи патувањето во Париз, но бидејќи состојбата не му се подобри, го откажа настапот на олимпискиот турнир кој започнува во сабота.
Оваа година Синер го освои Австралија опен, стигна до полуфиналето на Ролан Гарос и првпат во кариерата стана првиот играч на АТП рангирањето. Досега во кариерата има освоено 14 турнири, а уште четири пати бил поразен во финалето.
Повлекувањето на Синер значи дека светскиот рекет број два, Новак Ѓоковиќ ќе биде првиот носител во ждрепката во сингл за мажи. Ждрепката за Олимписките игри ќе се одржи во четврток.