Орбан пристигнува во дводневна официјална посета на земјава

Во петок ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, а по завршувањето на  седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери

Унгарскиот премиер Виктор Орбан заедно со делегација од унгарската Влада, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава.

Унгарија во моментов претседава со Европската Унија, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Премиерот Христијан Мицкоски, како што информира владината прес-служба, в петок ќе оствари официјална тет а тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Во петок ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, а по завршувањето на  седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид. 

Во Охрид полицијата презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. 

Сопствениците на патнички и други моторни возила треба да ги дислоцираат возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“.

Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“  за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачил тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски. 

- Реклама -