„Ќе инсистираме што побрзо да се изградат тие катни гаражи кои се монтажни и со кои ќе се добијат дополнителни околу 1 600 паркинг места, но сепак процедурите не можеме да ги забрзаме“, вели министерот
Катните гаражи што треба да бидат во кругот на комплексот клиники „Мајка Тереза“ ќе се градат преку јавно-приватно партнерство, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари давајќи отчет за сработеното во првите 100 дена откако е на чело на министерството.
Тој рече дека во тек е подготовката на техничката спецификација за изградба на катните гаражи и дека ќе следува повикот на кој ќе може да се јават заинтересираните компании.
Според Таравари, со изградбата на двете катни гаражи ќе се добијат дополнителни околу 1 600 паркинг-места.
„Ги поминавме сите процедури на Влада, проектот го наследивме. Сега ќе се објави и јавно-приватно партнерство за да се изградат најмалку две катни гаражи, односно дополнителни 800 до 900 паркинг-места. Моментално, на Клинички центар има 800 паркинг места, вака би имало над 1 600 места за паркирање, што мислам дека ќе биде многу порелаксирано за сите кои работат и кои доаѓаат како пациенти во Клиничкиот центар“,
рече Таравари.
Во однос на тоа кога тие би биле изградени, Таравари рече дека процедурите не може да ги забрзаат.
„Мораме да се придржуваме на сите законски норми. Ќе се обидеме целиот процес да биде што потранспарентен и што побргу да ја завршиме постапката. Барем, ако можеме, од почеток на идната година да се користат катните гаражи“,
додаде тој.
Сепак тој укажа дека процедурите имаат временски рок колку траат и оти не може тие да се скратат на 10 дена.
„Она што можевме во овие 100 дена го поминавме, сега треба да биде објавата и понатаму кој ќе биде партнерот на Министерството за здравство ќе треба да почне да гради, а ние ќе инсистираме што побрзо да се изградат тие катни гаражи кои се монтажни. Меѓутоа ќе треба не само да се изградат, туку и да се регулираат и нацртаат сите паркинг места за да има некаков ред“,
рече Таравари.
Таравари во јули годинава информираше дека Владата донела одлука со јавно-приватно партнерство во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје да се изградат две монтажни катни гаражи за да се надмине проблемот со паркирањето, а за тоа е изработена физибилити студија.