Политиката на претседателот на државата Стево Пендаровски е сѐ поблиска до таа на рускиот претседател Владимир Путин, а тоа е показател за топлите врски меѓу Москва и Скопје… Ова денес го изјави бугарскиот историчар Спас Ташев.
Но, според главниот уредник на софискиот „24 часа“ – Борислав Зумбулев, Македонците се поблиску до Украинците, а токму Софија е таа што се однесува слично како Путин.
„Tреба итно да запре студената војна со Северна Македонија, итно и безусловно, затоа што Софија се позиционира како некаков европски хулиган сличен на Путин“, пишува Зумбулев, потенцирајќи дека единствениот резултат од таквото однесување е што Бугарија веќе нема ниту еден пријател ниту во ЕУ, ниту на Балканот.
„Не нѐ сакаат Македонците, повеќе нѐ замразија отколку да ни се приближат, а нѐ замразија и Албанците кои се некаква колатерална жртва на таа глупост. Не нѐ сакаат ни во Виена, ни во Париз, а веќе ни во Берлин, затоа што ја презедовме улогата на силувач во меѓународните односи“, посочува Зумбулев, пренесе „Независен“.
Иако е критичен кон политиката на Софија, уредникот на „24 часа“ е сигурен дека „Македонците се чисти Бугари“. Сепак, смета дека тоа не треба да има значење во билатералните односи.
„Неспорно, Македонците по потекло се чисти Бугари, но какво значење има тоа, кога се чувствуваат поинаку и сакаат сопствена држава во ЕУ? Кои луѓе живееле во некогашниот Киевски Рус? Руси или Украинци? Нема никакво значење. Денес Украинците херојски војуваат против своите браќа по крв – Русите, и не сакаат со нив да живеат во иста држава. Истото е и со Македонците. Тие сакаат да се посебна држава, имаат свој јазик и не сакаат да нѐ сакаат. Затоа Бугарија треба да престане со сите обиди на квартовски хулиган, ако не сака да се најде во истата изолација во каква што е денес Путин“, констатира Зумбулев.
Зумбулев, инаку, отворено го поддржува членството на земјава во ЕУ, бидејќи, како што самиот напиша во своја колумна во 2019 година, „Македонија во ЕУ ќе биде единствена шанса Бугарите да си ја поделат оваа територија со Албанците“.