Погледнувате во часовникот, а стрелката за секунди изгледа како да запира за момент или два, пред да продолжи со вообичаеното темпо? Не, вашиот часовник не е жив и не се обидува да си поигра со вас; тоа е вашиот мозок. Овој феномен е познат како „илузија на запрен часовник“, а се должи на фактот што нашиот мозок има подеднаква улога во перцепцијата на времето, како што има и самата реалност на времето.
Сте се запрашале ли некогаш зошто кога шарате со погледот, светот не трепка како фрејмовите при гледањето филм, ниту пак се заматува како кога гледате од автомобил во движење? Грубо го прекинуваме дотокот на информација до очите, ги рефокусираме на сосема нов објект, а сепак, не забележуваме никаква пауза помеѓу двете глетки?
Според научниците, не ги забележуваме овие екстремно кратки премини бидејќи мозокот ни овозможува да ја искусиме глетката како да е еден продолжен момент; а ги пополнува овие празнини врз основа на претходните информации и нашите очекувања, слично како што при видот, таканаречената „слепа точка“ се пополнува со информации од другото око. Поради ова, понекогаш ни се чини дека одредени моменти траат подолго отколку што навистина траат. Оваа појава е ретко забележлива, се додека не погледнеме во нешто чиј интервал ни е добро познат, како оној на часовникот. Знаеме како изгледа „една секунда“ и знаеме кога е надмината, но се досега не знаевме зошто.