Кога во денешно време летате со авион, големи се шансите дека ќе имате Wi-Fi пристап во авионот. Тоа значи дека можете да висите на Фејсбук, да ги следите најновите теми на Твитер, или да паѓате во депресија после фотографиите на позерките на Инстаграм. Кај некои компании, Wi-Fi сигналот дури ви дозволува и да слушате музика и гледате филмови.
Па, со така голем напредок во технологијата за време на летовите, зошто мобилните телефони сé уште се ограничени на Airplane mode т.е. „режим на летање“?
Долго време, претпоставката беше дека мобилните фреквенции можата да ги попречат системите на авионот, предизвикувајќи дефект до степен на уривање на авионот. Иако тоа е преувеличено, да, мобилните сигнали можат да се помешаат со радио фреквенциите на авионот. Не се случува често, а кога се случува, трае кратко – Condé Nast Traveler го опишува прекинот како „кога прерипува звукот на оштетено CD“. Сепак, кога пилотите комуницираат со контролата на летање, особено витални информации, дури и дел од секундата може да предизвика ризична конфузија.
Сепак, кога авиокомпаниите би го дозволувале тоа, би се нашло и алтернативно решение, т.е. loophole – можете да остварите телефонски повик и преку Wi-Fi, нели. Повеќето компании го забрануваат тоа, не заради тоа што сигналот може да се меша со тој на авионот, туку заради пристојна атмосфера и удобност на патниците; никој не сака да седи до некого што 3 часа ќе помине во разговор на Skype или Viber. Со други зборови, иако е технички возможно, веројатно нема во блиска иднина да ја имате таа привилегија да разговарате на телефон додека летате.
А за тоа има и уште една важна причина. Забраната за мобилни разговори на авионите не е толку правило на авиокомпаниите, колку што е правило наметнато од телекомуникациската мрежа. Причината не е толку мешањето на сигналите во авиониката, туку затоа што мобилните мрежи не се изградени и дизајнирани за да можат да се справат со неколку стотици телефони кои се приклучуваат од кула на кула, со брзина од неколку стотици километри на час.