Зошто Шведска ги враќа книгите во училиштата и што можеме да научиме од оваа земја?

Шведските просветни власти одлучија да вратат што е можно повеќе книги во училиштата наместо таблети, компјутери и други дигитални помагала. Како што објаснува шведското министерство за образование и наука, дигиталните алатки за учење треба да се воведат во наставата само на возраст кога не го попречуваат учењето на учениците. Исто така, шведската влада нема да го следи предлогот на Националната агенција за образование за дигитална стратегија бидејќи беше критикуван од невролозите и педијатрите.
Зошто властите на Шведска, земја која може да се нарече пионер во модернизацијата и дигитализацијата на наставата, се решија на ваков драстичен чекор и што можат другите да научат од тој пример?
Шведското министерство за образование даде детално објаснување.
– Способноста на учениците да читаат и да го разберат она што го читаат е основа за учење по сите училишни предмети. Училишната политика на шведската влада има цел да се врати на основите и да изгради силен училиштен систем заснован на знаење, со акцент во раните одделенија на основни вештини како читање, пишување и аритметика – објаснуваат од министерството.
Додаваат дека најдобрите услови за развој на основните вештини за читање и пишување може да се најдат во аналогни средини со аналогни помагала.
– Затоа е важно учениците да работат со пенкало и хартија и, последно, но не и најмалку важно, да имаат пристап до учебници и училишни библиотеки со персонал – вели министерката за училишта Лота Едхолм.
Дополнително, добрите вештини за читање им овозможуваат на учениците да се движат низ светот и да ги стекнат потребните знаења и информации, но и да ја доживеат радоста на читањето – можност да откриваат нови светови и да ги разберат другите.
– Постојат научни докази дека средини без екран создаваат подобри услови за децата да градат односи, да се концентрираат и да научат да читаат и пишуваат. Затоа, важно е дигиталните алатки за учење да се воведат во училницата само на возраст кога тие промовираат учење и не им го попречуваат учењето на учениците. Затоа, употребата на такви помагала мора внимателно да се разгледа – соопшти шведското министерство. Оттаму објаснуваат дека на шведските ученици им требаат повеќе учебници.
– Многу училишта сѐ уште немаат соодветни учебници, па затоа владата воведе нова државна субвенција за набавка на одредени наставни материјали за предучилишни установи, основни училишта, основни училишта за ученици со интелектуална попреченост, специјално училиште и училиштето „Сами“. Оваа државна субвенција може да се користи за учебници произведени од издавачи, со или без дигитални компоненти, наменети за употреба во училницата. Можно е и аплицирање за државни грантови за прирачници за наставници. Во 2023 година беа издвоени 685 милиони шведски круни (1 евро е 11,25 шведски круни), а од 2024 година годишно ќе се издвојуваат по 500 милиони шведски круни – додаваат од министерството.

Претходно на учениците не им беше гарантиран пристап до учебниците, а со одлука на шведскиот парламент од 1 јули 2024 година ќе стапат во сила измените на Законот за образование, со кои, меѓу другото, ќе се обезбеди пристап до учебниците, други едукативни материјали и други помагала за учење. Владата го задолжи шведскиот училишен инспекторат да го провери пристапот на учениците до учебниците и другите наставни материјали.

Извор