Популарниот мит за советските космонаути што патувале во вселената наоружани со сачмарки и мачети е всушност чиста вистина. Да се носи оружје во мал вселенски брод со тенки метални ѕидови можеби звучи како лоша идеја, ама сеедно, руските космонаути летаа наоружени се до 2007-та.
Но, не, не се работи за подготвеност во случај на вооружен дуел со вонземјани, ниту пак за некаква вселенска војна со астронаутите на НАСА. Тоа би била глупава идеја. Всушност, зад целата работа се крие многу рационална причина.
Оружјето било составен дел од „сетот за преживување“, кој е дел од стандардната опрема на космонаутите. Се наоѓа таму за вонредни ситуации, како на пример несакани и непредвидени скршнувања од курсот, било при полетување или при слетување. Поголемиот дел од Русија е изолирана дивина и тешко достапна шума, па евентуалното спасување на екипажите на урнатите вселенски летала не е така едноставно.
„Добар дел од Русија е ненаселена дивина. Мала неволја при слетувањето би можела да ги остави космонаутите среде никаде“, вели еден од познавачите.
Токму затоа руските астронаути заминувале во вселената опремени со конвертибилна сачмарка – троцевка (за одбрана од мечки), на која има монтирано остро сечило – мачета (што би се користело за проод низ џунглести предели или потенцијална блиска борба), како и мала секира (за цепење на дрва).
Со денешната технологија и особено GPS навигацијата, вселенските патници имаат се помалку причини да бидат вооружени за време на летовите. Сепак, руските астронаути се уште го носат истиот „сет за преживување“, со таа разлика што од сетот е исфрлено огненото оружје.