Зошто роденденската Happy Birthday ретко се пее во филмовите?

Ако малку помислите, ќе забележите дека роденденската „Happy Birthday“ не се пее во голем дел од родендените во филмовите. Не, не се работи за тоа дека изгубила популарност или за тоа дека престанала да се пее насекаде низ светот. Всушност, објаснувањето е многу едноставно – песната е премногу скапа. Песната прогласена во 1998-та за најпрепознатлива песна на англиски јазик во светот, е заштитена со авторски права во сопственост на Warner Music Group.

За да ја искористите во свој филм, цената што треба да ја платите е мошне солена. Warner Music Group годишно заработува околу 2 милиона долари само од авторските права. Па логично, песната ретко се користи во филмовите, а дури и кога се користи, сцената е обично наместена така за да биде што поскоро прекината со друга песна, за да не мора да се плати целиот износ – пократок испеан дел, помала цена. Од друга страна, некои од режисерите беа спремни да платат и астрономски суми, бидејќи сметаа дека песната е важна за нивниот филм и едноставно мора да ја има.

5112837916_e0da48a459_b[1]

ЈАВНА СОПСТВЕНОСТ ИЛИ НЕ?

Користењето на „Happy Birthday“ во документарецот „Hoop Dreams“ (1994 год.) Стив Џејмс го чинело дури 5 илјади долари, а тоа звучи уште повеќе кога ќе се земе во предвид дека целиот буџет што го имал на располагање биле 700.000 долари.

Но, неодамна, една режисерка поднесе тужба што можеби засекогаш ќе ја смени ваквата ситуација. Џенифер Нелсон снима документарец за песната Happy Birthday уште од 2013-та година, па логично дека сака да ја вметне во филмот. Колку само била изненадена кога дознала дека не е бесплатна – за да ја искористи, Нелсон морала да плати 1.500 долари. Па така, во тужбата од јуни 2013, таа бара песната да се прогласи за јавна сопственост, т.е. нејзиното користење повеќе никогаш да не се наплаќа, од било кого.

„Постојат непобитни документирани докази, некои уште од 1893-тата, што покажуваат дека авторското право на песната, ако воопшто постоело, истекло уште во 1921 година“, велат од компанијата за која работи Нелсон. Исто така, објаснуваат дека ако Warner имаат било какво авторско право, тоа би се однесувало исклучиво на клавирската верзија на песната од 1935-тата година.

Одлуката се очекува да биде донесена ова лето.

- Реклама -