Не многу одамна, на Твитер вртеше мошне интересна фотографија. Фотката ја покажуваше Хилари Клинтон како мафта кон толпа што ѝ беше свртена со грбот.
Всушност се работеше за толпа која ги имаше кренато смартфоните, активирано камерите, и беше во колективна потрага по совршеното селфи со тогаш кандидатката за претседател на САД. А кога Барбара Кини – официјалната фотографка на Хилари, го овековечи овој интересен момент, несомнено потсети на моќта и популарноста на селфито како модерна појава.
Со оглед на тоа колку чест акцесоар стана смартфонот, нема многу изненадувачко во тоа што селфи културата го промени начинот на кој интерактуваме едни со други. Во свет обединет преку друштвените мрежи, уште помалку е изненадувачко да се видат славните фаци (било да се од политиката или ентертејнментот) на чело на селфи манијата.
Фотографијата на Кини го одработи своето – стана вирална, а тоа беше особено важно тогаш, на месец пред изборите во САД. Меѓу нашите познати фаци баш и нема некоја си трка во селфиња со фанови, но тоа веројатно се должи на фактот што нашите познати фаци баш и не се селебрити. Да беа, ќе фрчеа селфиња. Еве зошто.
Селфито е половина слава
„Селфињата се дел од алатките на ѕвездите, исто како и нивната внимателно одбрана облека и нивната одбрана дружина“, истакнува „дигиталниот евангелист“ Сри Сринивасан за Хиндустан Тајмс. „Селфињата помагаат да се поврзат популарните ѕвезди со фановите кои се жедни за ексклузивна бекстејџ (зад-сцената) содржина, дури и ако е исценирана и споделена со милиони фанови. Во ловот за селфиња со најголем потенцијал да станат вирални, гледате славни фаци што одат до невообичаени граници за да се појават во несекојдневни фотографии“.
Очигледно е дека селфињата со познати им го даваат потребниот „хај“ на фановите. „Да се биде селфи-френдли позната фаца значи дека таа конкретна ѕвезда е достапна личност, што ја става во позиција на добивка и ѝ гарантира дека нејзиниот имиџ ќе добие позитивни поени“, вели Раки Ананд – психолог од Њу Делхи.
Самите ѕвезди веруваат дека селфињата со фановите прават обожавателот да се почувствува многу поблизок до нив. „Тие (фановите) се чувствуваат како дел од твојот живот преку news feed-овите на твоите друштвени профили“, вели актерката Наргис Факри. „Селфињата навистина помагаат да изгледаш подостапен, но не мислам дека навистина говорат за перцепцијата на фановите за тебе“.
Актерот Арџун Капур исто така смета дека селфито е „позитивна особина“. „За мене, секое селфи е продаден билет“, вели тој. Но од друга страна, не смета дека токму билетот е главната причина за да се слика со фановите. „Денес, да позираш за селфи со фан е сосема природно, нема стратегија зад истото. Барем јас не гледам така на тоа“.
Насмеј се – ќе бидеш вирален
И додека познатите мораат да бидат политички коректни, што е со нивните имиџ-мејкери? Од една страна, кога зборуваат во јавност, тие исто така негираат дека зад селфињата со фанови можат да бидат опишани како некаква конкретна агенда. „Денес автограмите се заменети со селфиња. Ѕвездите се обидуваат да најдат време за селфи бидејќи знаат дека тоа многу ќе му значи на обожавателот“, вели генералната менаџерка на Yash Raj Films. Од друга страна, и имиџ-мејкерите признаваат дека селфињата со фанови имаат голем потенцијал да станат вирални и со тоа да му направат одлична реклама на познатото лице. А тоа е од директна корист и за самите имиџ-мејкери и за сите вклучени во грижата за имиџот на конкретната ѕвезда.
Па, се сликаат ли ѕвездите за да ги израдуваат фановите, или затоа што така се посоветувани од нивните имиџ-советници? Вистината, како и обично, е – и двете.