„Најдлабока форма на очајот е да избереш да бидеш некој друг, освен себе.“
Серен Кјеркегор
Многу луѓе се плашат дека патеката што ја избрале во животот, не е вистинска. Доведени сме во искушение да мислиме дека смислата на животот е да напредуваме во општеството, да изградиме кариера, да стекнеме пари, да се натпреваруваме и да победуваме, и да се здобиеме со власт.
Дури и да си признаеме пред себе, дека не сме задоволни од стапиците на успехот, многу често се држиме цврсто за илузиите, бидејќи тие се сé што знаеме.
А можеби смислата на животот нема никаква врска со она што го работиме за да преживееме? Можеби смислата е само да живееме чесно и да пронајдеме кои сме навистина?
Повеќето луѓе никогаш нема да ја разберат таа гледна точка.
Еве зошто.
Живееме од надвор кон внатре, а не обратно
Уште од мали нé учат дека треба да бараме водство од другите. Социјалното нормирање е важен дел од детството – учиме како да се однесуваме спрема околината, но проблемите почнуваат кога ќе дозволиме овој процес да вклучи и нешто толку лично како смислата на животот.
Некои луѓе ни ја заработуваат довербата и можат да ни помогнат во откривањето на оваа смисла. Ако ви се случиле такви, значи имате голема среќа.
Повеќето сепак, дури и кога се со добри намери, преферираат да нé ограничат во рамки кои за нив самите имаат повеќе смисла. За да го заработиме нивното одобрение, доброволно го прифаќаме одреденото место. За да го зачуваме нивното одобрение, учиме хронично да негираме кои сме ние навистина.
И премногу често живееме по сценариото на нечиј туѓ живот.
Бараме кариера пред да го разбереме својот повик
Општеството ни го сведе успехот на листа со празни квадратчиња кои треба да ги штиклираме – да завршиш училиште, да си најдеш партнер во животот, да имаш деца, да изградиш некаква кариера, и да трпиш, додека не дојде време да земеш пензија.
Овој добро истапкана патека ги става луѓето во позиција на конформизам, а не на смисленост и смисла.
Толку сме зафатени со избегнување на стравовите кои сами си ги наметнуваме, дека не сме доволно… пополнете го празното место – паметни, креативни, убави – што ретко запираме за да се запрашаме: „А среќен ли сум? А задоволен ли сум? И ако не сум, како можам да ги променам работите?“.
Откривањето на смислата на животот се случува кога ќе се заслушаме во внатрешниот глас кој нé повикува. Треба да го оставиме животот да ни зборува, а не ние да му кажуваме што ќе направиме со него.
Повикот е нешто страсно и незадржливо. Започнува како благо чувство на пеперутки во стомакот („Би сакала да се обидам тоа и тоа”), а потоа расте до степен на наредба, на која само треба да се потчините
Повикот не е најлесниот пат и затоа повеќето од нас и не го разбираат својот. Се плашиме од борбата, од глупоста, од ризикот и од непознатото. Затоа избираме кариера која ќе ни овозможи да ги штиклираме празните квадратчиња.
Ја мразиме тишината
Живееме во општество кое не ја цени тишината. Тоа го цени дејството.
Ама животот без тишина е опасен. Без неа почнуваме да веруваме дека нашето его – и сите негови состојби – е смислата на нашиот живот. Ако играте на ова сценарио, знаете дека не завршува добро.
Живеј живот управуван од егото и остануваш прегорен. Останува и болното прашање: „Животот ми е одличен. Зошто тогаш не чувствувам среќа и задоволство?”.
Молчењето го разбркува метежот и отвора простор за прикажување на вистинската природа на нештата. Во тишината може да си поставувате прашања за вистинската состојба на животот и работата, и да подзапрете за да ги слушнете одговорите. Во тишината, му давате време на насобраното искуство да се наталожи во неколку важни лекции.
За жал, сепак, уште пред тие да искристализираат, веќе сме зафатени со дополнително расејување.
Не си ја сакаме темната страна
Карл Јунг ја нарекува „сенката“.
Тоа е подземјето на нашата личност кое преферираме да не го покажуваме на другите. Тоа ги претставува нашите недостатоци, неуспеси и себични желби. Повеќето од нас бегаат уште пред некој да успее да им ја намириса темната страна.
Но видете што – најмрачниот дел од вас има најмногу што да ве научи околу вашата животна цел.
Ако неговото откривање е всушност и откривање на самите себе, нашиот мрак ни покажува каде најмногу треба да израснеме.
Уште поважно, тој ни покажува од кого најмногу имаме потреба да се поуќиме. И луѓето, кои имаат да ни кажат најмногу за нас самите, се тие кои ни се допаѓаат најмалку.
Повеќето од нас, сепак, ѝ го вртат грбот на својата сенка. Наместо да ја погледнат во очи, бараат удобни врски кои ги поткрепуваат нашите износени, излитени претстави што ги имаме за самите себе.
Ја обесмислуваме потсвеста
Во книгата „Социјалното животно“, Дејвид Брукс критикува една предрасуда на нашата култура, според која „свесниот ум ја пишува автобиографија на нашиот човеков род“.
Всушност, нашата култура изразува благ презир кон потсвесниот ум и сето она што тој претставува – емоции, интуиција, импулси и чувствителност.
За да ја најдете смислата на животот, ќе треба да се почувствувате удобно со нелогичниот дел од вашиот ум. Треба да се навикнете на тоа дека немате одговор за сè. Треба да се толерира нејаснотијата и да се помирите со внатрешните борби. Треба да си дозволите да чувствувате да чувствувате длабоко. Никогаш нема да стигнете до смислениот живот само преку патот на мислата.
Сепак, ова е тешка задача. Задача која повеќето ја негираат, на која се лутат, ја исмејуваат или едноставно ја игнорираат.
И тоа е и причината зошто повеќето од нас ќе го изживеат животот, без никогаш да ја разберат неговата вистинска смисла.
Д-р Шели Привост, специјалист за позитивна психологија, за Inc.com