Од новогодишна песна до македонска химна: Зошто го нема Никола Карев, колку верзии има, кој прв ја отпеал
Химната на Македонија е напишана од македонскиот автор Владо Малески, во 1941 г. а за прв пат се изведува на пречекот на новата 1942 година во Струга во куќата на Сотир Шута. Химната била изведена за прв пат таа вечер каде присуствувале активисти на ослободителното движење на Македонија од Струга и струшкиот регион.
На текстот од Малески, а музика прв има направено Тодор Скаловски. По завршувањето на Втората светска војна е усвоена како химна на СР Македонија во рамките на поранешна Југославија, а по осамостојувањето на Република Македонија, на 11 август 1992 година со закон е прогласена и за химна на независна Македонија.
Владо Малески за прв пат го отпеал текстот на она што денес го поимаме како македонска химна на новогодишниот пречек на 1942 година, во Струга, кај Сотир Шута, свирејќи на гитара и пеејќи го текстот.
Со текот на времето текстот на химната претрпел разни промени, при што денес се познати три нејзини верзии — денешната верзија, првичната химна и првата официјална изведена химна која се разликува од првата во само еден ред. Во однос на првичниот текст од 1941 година напишан од Владо Малески, се изоставени имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, а е додадено името на Даме Груев.
Првичната, оригинална верзија, е отпеана од страна на легендарното трио Васка Илиева, Александар Сариевски и Никола Бадев, со овој текст:
Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!
Горите Македонски шумно пеат,
нови песни, нови весници!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Одново сега знамето се вее, (Од гроб станаа славните ѕидари)
на Крушовската република!
На Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански
На Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански
Не плачи Македонијо мајко мила,
Крени глава гордо високо,
Македонија слободна,
слободна ќе живее!
Македонија слободна,
слободна ќе живее!
Еве ја нивната изведба.
Во првичната верзија, онаа на Малески, дел од химната биле имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, кои подоцна биле заменети со името на Даме Груев, кој не бил дел од првичната верзија. За исфрлањето на името на претседателот на првата република на Балканот, Крушевската Република, македонскиот револуционер Никола Карерв, неговиот внук од брат, Мише Карев, во своите сеќавања вели:
„Не се сеќавам точно, но мислам дека некаде до крајот на педесетите години од минатиот век во македонската химна беше и Никола Карев. Во неа беа Гоце, Даме, Сандански и тој. Подоцна ја слушав химната и се прашував зошто и по чија наредба е избришано неговото име. Сакав да дознаам што се случило во тие седум-осум години по ослободувањето, за чичко ми Никола Карев да биде избришан дури и од химната. Еден ден отидов кај Димче Аџимитрески, кој беше декан на Вишата економска школа и беше близок со власта. Кога му кажав дека сум внук од брат на Никола, ме покани да седнам, ме понуди со кафе и ми кажа како тргнала работата околу бришењето на Карев од химната: ’Во 1953 година, на педесетгодишнината од илинденското востание, Лазо Колишевски не собра во владата мене, Злате Билјановски, Страхил Гигов и уште неколкумина. Се отвори дискусија околу значењето на Илинден, и тогаш некој од присутните, ми се чини Страхил Гигов, предложи Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев и другите да ги прогласиме за Бугари. Тоа го образложи со загриженоста дека ако наводно се продолжи со практиката тие да бидат споменувани како досега и за нив да се пеат толку многу песни, ќе станат поголеми и од нас’, ми рече тогаш Аџимитрески“.
Денес сè уште нема официјално објаснение за промените што ги претрпела химната. Имено, првиот текст на химната изведена во Струга во 1941 година имала малку поразличен текст од денешниот особено во имињата на македонските револуционери и еден подоле ред. Така од првичните „… Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“, денес во химната се спомнуваат „… Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“. Нема објаснение ни за заменетиот ред од страна на Кочо Рацин „Од гроб станаа славните ѕидари…“ со „Одново сега знаме се веје…“ до која доаѓа при првото објавување на оваа песна во „Македонските народно-ослободителни песни“ во јуни 1943 година.
Подолу е верзијата на која Тодор Скаловски во 1989 година ја аранжираше музиката на македонската химна:
Денес над Македонија се раѓа
ново сонце на слободата,
Македонците се борат
за својте правдини.
Не тажи Македонијо мајко мила
крени глава гордо високо
Македонија слободна
слободна ќе живее.
Одново сега знамето се вее
над Крушевската Република
на Гоце Делчев, Питу Гули
Даме Груев, Сандански.
Горите македонски шумно пеат
бојни песни, нови весници
Македонија слободна
слободно живее.
А оваа е верзијата која во 1991 година беше официјално усвоена како нацонална химна на независна Република Македонија:
Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Одново сега знамето се вее,
на Крушевската република!
Гоце Делчев, Питу Гули,
Даме Груев, Сандански!
Гоце Делчев, Питу Гули,
Даме Груев, Сандански!
Горите Македонски шумно пеат,
нови песни, нови весници!
Македонија слободна,
слободнo живее!
Македонија слободна,
слободнo живее!