Уште еден случај на руски спортист кој користел недозволени средства, но овојпат неизбежно се поставува прашањето: Зошто, по ѓаволите?
Портпаролот на рускиот олимписки тим соопшти дека еден од нивните спортисти паднал на допинг тестот на ЗОИ во Пјонгчанг, а медиумите велат дека тоа е Александар Крушелницки, кој неделава освои бронзен медал во мешовита конкуренција во карлинг.
Меѓународниот олимписки комитет (МОК) испратил писмо до рускиот олимписки тим во кое се наведува дека Крушелницки користел мелдониум – супстанца која се прослави во допинг-скандалот околу Марија Шарапова. Мелдониум се користи при болести на срцето и наводно ја зголемува физичката издржливост, го подобрува опоравувањето, штити од стрес и ја подобрува работата на централниот нервен систем.
Меѓутоа, карлингот не е баш од оние спортови кои бараат голема физичка издржливост. Напротив, натпреварувачите во карлинг често ги обвинуваат дека физички баш и не се најспремни (т.е. се мрзеливи); карлинг на Олимпијада играше дури и Хомер во „Симпсонови“, а знаеме, Хомер е последниот што можете да го наречете спортист.
„Мислам дека многумина се смеат и се прашуваат: Зошто би користеле допинг?“, вели Маделин Дипон, данска натпреварувачка во карлинг и светска и европска вицешампионка. И таа си го поставува прашањето. „Не сум сигурна како допингот би можел да помогне во карлингот. Можеби би имал некоја врска со силата, но не сум сигурна“.
„Тешко ми е да слушам за допинг во карлинг. Можеби како член кој ‘метла’, ама дајте ве молам… одете во теретана“, истакнува освојувачот на сребро во Ванкувер 2010-та – Томас Улсруд.
Разочарани се и во рускиот тим (кој се натпреварува под олимписко знаме). „Секогаш сме зборувале колку е фино да се има спорт во кој нема такви скандали бидејќи навистина не се потребни. Кај нас не е важно да си побрз, повисок, или посилен – треба да си попрецизен“, истакнува Викторија Мојсејева, член на женскиот карлинг тим. „Не можам да замислам супстанца која би ви била потребна за карлинг, ниту па зошто би служела“.