Зошто интернет интензивно споделува(ше) слики од мачки по нападот во Барселона

Корисниците на социјалните мрежи почнаа да споделуваат фотографии со мачки во знак на солидарност со Барселона непосредно по нападот во Ла Рамбла и вториот во крајбрежното одморалиште Камбрилс, во кои беа убиени 13 лица, а над 100 беа повредени, соопштува британскиот весник Daily Telegraph.

Споделувањето на слики со мачки започна на Твитер, очекувано, а како одговор на барањата од шпанската полиција да не се споделуваат фотографии од жртвите на социјалните мрежи.

„Во знак на почит кон жртвите и нивните семејства, ве молиме не споделувајте фотографии на настрадани при судирот со хаштаг #Ramblas или #Barcelona“, повика шпанската национална полиција.

Добар дел од интернет го прифати советот, па на Твитер почнаа да никнуваат фотографии со мачки со коментари: „Ако терористите го следеа хаштагот за да добијат информации за/од полицијата, сега ќе гледаат само мачки“.

Прочитајте и:  Градоначалникот на Барселона планира укинување на директното изнајмување станови на туристи

„Ќе објавуваме слатки фотографии со мачки, за да не можат убијците да ја користат пролеаната крв и нанесената болка“, вели друг твит. „Помогнете ѝ на полицијата. Твитнете мачка со хаштаг #Barcelona“.

„Изгледа бесмислено, но слична реакција имаше и во Брисел, со што корисниците помогнаа за сокривање на сликите/видеата од полициската активност додека се случуваше сето тоа“, вели извесна Сара Крисп.

Колку е ефикасна тактиката и дали можеби постои подобар начин, останува отворено прашање. Но ете, чудни се патиштата интернетови.

 

- Реклама -