Животната приказна на Заев: „На лубеници не можеш ниту да седиш ниту да лежиш, мораш да чекаш камион со краставици за да се качиш“

„Премиерот на Северна Македонија има биографија каква што најголемиот дел политичари, не само од Балканот, можат само да сонувааат“, пишува српски „Курир“. Во интервју за весникот, Заев открива како стигнал од продавач на лубеници до најважната позиција во државата, каков однос има со родителите, како го заработил првиот милион и зошто понекогаш сака да побегне од сите со мотор.

„Моето име е врзано со Србија, мојата младост е врзана со Србија, сѐ што сме работеле, целиот наш семеен капитал е поврзан со Србија“, почнува Заев во интервјуто. Првата девојка, вели, ја имал во Горни Милановац. Ја запознал едно лето додека продавал лубеници, пиперки, домати и краставици на тамошниот пазар.

„До мојата четврта година живеевме во село Муртино, каде се родени и татко ми и мајка ми, а потоа се преселивме во Струмица. Мајка ми беше наставничка по биологија и хемија, а татко ми магационер, откупуваше земјоделски производи во ЗИК ‘Струмица’. Сите ние, и родителите и мојот помлад брат Вице и јас, многу работевме земјоделство.

Струмица е најпознатиот, најголем производител на домати, пиперки, краставици, лубеници, зелка. Секое струмичко село имаше по еден град во Србија каде луѓето традиционално ги продаваа тие производи. Муртино беше доминантно во Горни Милановац… Некои пет-шест лета со дедо ми и вујковците, некојпат и сам, одев на тој пазар“, раскажува Заев.

„Убави пари заработувавме таму. Од три месеци работа на пазар во Горни Милановац – јуни, јули и август, подигнавме куќа на четири спрата. Тогаш вредеа и парите и работата. Целото наше богатство почна од земјоделство.

Во тоа време, до Горни Милановац се патуваше и по повеќе од 10 часа. Во камион, под церада, робата и ти. Но, проблем беа камионите со лубеници. На лубеници не можеш ниту да седиш, ниту да лежиш. Кога се краставици или патлиџани е ок, бидејќи меѓу гајбите можеш да ставиш нешто да седиш и да спиеш. И тогаш не се качуваш во камионот со лубеници, туку чекаш да товарат краставици, патлиџан, па се качуваш да одиш. Тоа никако не се заборава“, открива Заев.

Пазарот работел некаде до 16 – 17 часот, а потоа младите оделе во кафиќ/кафана. Со нив и Заев. Таму ја запознал Јелена, првата љубов.

Во основно и гимназија бил одличен ученик, доминантен во математика и физика, но му оделе и биологија, хемија и географија. Одел и на државни натпревари по математика во Белград и Осијек, но сепак морал да заврши економски факултет, открива премиерот.

„Требаше да студирам математика или информатика, но нашите фирми се развиваа и никој не ме прашуваше што сакам. Вујко ми и татко ми ми рекоа економија, бидејќи некој мора да го води бизнисот. Брзо завршив факултет бидејќи постоеше позитивен натпревар меѓу нас другарите кој прв ќе заврши. Но и поради семејниот бизнис, мораше да се работи. Така што во 1993 година запишав, а во 1997 завршив економија“, раскажува Заев.

Во интервјуто, тој открива и како ги заработил првите (поголеми) пари.

„Првиот период од младоста го поминав во Србија. Во текот на санкциите од ’90-тите, Србија мораше некако да ги одржува фабриките да работат. Успеавме да се пробиеме кај меѓународните институции и да добиеме дозвола да испорачуваме суровини за Стакларата во Параќин, чии застапници сме и ден денес за Северна Македонија, само што тоа сега го работи мој братучед. Тогаш бев комерцијален директор на семејните компании. Сѐ тоа е незаборавно, организацијата беше многу специфична. Мојата прва екстра заработка беше од продажба на ‘Мериминовиот’ прашок за перење во Македонија, исто така во ’90-тите. Вујко ми ме врза за екстрапрофит, за продажба. Се знае која е цената, а ако продадеш добра количина – имаш екстрапрофит. За млади луѓе тоа многу значи.

Првата голема заработка – 2.4 милиони марки, беше од пиперки кои ги сушевме во Струмица, а ги дававме за Хоргош за производство на црвен пипер. Таа 2001 година, во Суботица преговаравме за цената, квалитетот, стандардите. Падна договор, профитот беше 2.4 милиони марки. И со тој капитал купивме циглана.

И кога ќе го прашате моето семејство од каде е створен капиталот – створен е од пазарите во Горни Милановац и од српските фабрики. Тоа и мојот син и мојата ќерка го знаат, а камо ли постарите членови на семејството. И сега некој српски политичар нека ми каже дека Заев има резерви кон Србија“,  вели премиерот.

Во интервјуто, тој открива за низа други интересни/лични моменти, како тоа дека референдумот за промена на името на државата, односно за Преспанскиот договор, се одржа на ист датум со денот кога Заев се оженил, па така „сега веќе не заборава кога му е годишнина од брак“. За „Курир“, Заев зборува и за семејството (и како завршил во болница кога се родила ќерка му), за мотивите да се вклучи во политиката, за тоа кој „го контролира“, за своите бизниси и за животот неоптоварен од пари, за честа и одговорноста да се биде премиер и како сака да биде запаметен, како и дека моторот му е главно прибежиште кога мајка му и жена му ќе почнат со „ајде ова, ајде она“. Прочитајте го ТУКА.

- Реклама -