„Женскиот Јао Минг“ е шестоодделенка со 11 години и 210 сантиметри (ВИДЕО)

Кога ќе ја видите Жанг Зију меѓу купот ученици во училишниот двор во Џинан, Кина, ни на крај памет нема да ви падне дека и таа е соученик на шестоодделенците. А всушност е, и не зашто паѓала неколку години, туку затоа што има 11 години, а е висока неверојатно 210 сантиметри. Многумина ја сметаат за највисоката девојка во светот.

Родителите на Жанг се поранешни професионални кошаркари, а и двајцата се високи над 2 метра. Иако генетската предиспозиција е јасна, висина од 210 сантиметри за 11-годишно девојче не е вообичаена во ниту една варијанта. Во прво одделение Жанг веќе била висока 160 сантиметри.

Смешно е да ја споредуваме со другите деца, па ајде да ја споредиме со некои поголеми. На пример, Жанг е 3 инчи (~7.5см) повисока од просечната висина на НБА играчите, а и 2 инча (~5см) повисока од нејзиниот идол – НБА ѕвездата ЛеБрон Џејмс, кој е висок „само“ 2.03 метри. Жанг уште сега ја нарекуваат „женскиот Јао Минг“, по легендарниот кинески кошаркар кој најголем дел од кариерата ја мина во НБА во Хјустон Рокетс – висок 2.29 метри. Но ако Жанг продолжи да расте со истото темпо, може да го засени дури и Јао Минг.

Освен висината, се чини, Жанг од нејзините родители наследила и талент за кошарка. Ова го потврдува лично мајка ѝ, која раскажува дека кога првпат ја однела Жанг на кошаркарски терен да го гледа татко ѝ како тренира, таа инстинктивно му лепнала банана, блокирајќи му го шутот со типичен кошаркарски стил. Тогаш Жанг уште не знаела ништо за кошарката, ама мајка ѝ веќе со сигурност знаела дека ќе ја запише да тренира.

Што се однесува до актуелниот Гинисов рекорд, највисоко девојче во светот е Софи Холинс – 12-годишна Англичанка висока 188 сантиметри, што значи доста пониска од Жанг. Останува на родителите на Жанг дали и официјално ќе конкурираат за оваа титула.

- Реклама -