„Жално е што Тирана не ја поддржува Бугарија против српското влијание во Македонија“

„Понекогаш со ракавици (дипломатски), понекогаш без, понекогаш меѓу редови, понекогаш во насловите, Бугарија полека почнува јасно да ја става до знаење својата цел за ‘ослободување на Северна Македонија од југословенско или српско влијание (како што велат, не правете грешка). Некој го разбрал тоа, други допрва ќе разберат“, пишува Фејзи Хајдари, сопственик на информативниот портал на албански јазик – „Лајм прес“, во колумна што ја пренесува бугарската агенција БГНЕС.

„Денес Србија е многу послаба од Бугарија, како воено, така и во економска смисла, но и во однос на положбата на меѓународната сцена. Затоа на прв поглед е изненадувачко зошто за една држава членка на НАТО и ЕУ, како Бугарија, е толку тешко да го исфрли српското влијание од земја како Северна Македонија, во која сите историски личности на мнозинството од населението имаа заедничко со бугарската историја.

Предноста на Србија во Северна Македонија е силната ‘инфраструктура’ што ја има инсталирано како во политиката, така и во економијата. Тоа е инфраструктура што се ‘храни’ и може да функционира и независно, кога Центарот (Белград) е преокупиран со други проблеми. Овој вид на организација на таа инфраструктура создава лажна слика дека просрпскиот југославизам е автохтона локална идеологија, а не обратното“, пишува Хајдари во текстот.

„Друга предност на Србија, можеби најважната, се човечките ресурси што ги наследила од времето на Југославија, па дури и од времето на српското кралство. Многу соработници остареа и се пензионираа, многу од нив дури и починаа, но вакуумот го пополнуваат нивните синови и ќерки. Дури и внуците стигнаа на ред. Тие имаат подготвен терен да напредуваат каде и да биле нивните татковци и дедовци.

Кога станува збор за патриотизам (на зборови, а не на дела), тие се први. Кога станува збор за ‘мулти-култи’, ќе ги најдете и таму. Тие се инфилтрираа во сите пори на општеството, бидејќи теренот им е подготвен и им е отворен патот од службата на која ѝ служеле нивните предци. Ќе ги најдете на позиции на директори, позиции на заменици директори, на позиции заменици министри, но и на министерски места. Тие не прават ништо, освен што се држат до ‘траекторијата’ на нивните предци и со тоа нивниот успех е загарантиран“, цитира БГНЕС.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Но, времињата малку се променија. И покрај предностите кои Србија ги има во Македонија, овојпат Бугарија изгледа решителна. Таа нема намера да ја пропушти шансата и тоа го покажува отворено и недвосмислено. Во историски план, Србија никогаш немала ништо заедничко со Македонија (освен како агресор), така што дури и денес нема што да бара овде“, пишува понатаму Хајдари, осврнувајќи се на улогата на Албанците, како од земјава, така и од соседството, во искоренувањето на наводното српско влијание.

„Каде сме ние Албанците во целата таа историја?

За жал, како и многупати во историјата, ние сме таму каде што непријателот сака да нѐ гледа. Ние, Албанците од Северна Македонија, најголемите жртви на просрпството и југославизмот, не го положивме испитот во нашата мисија за искоренување на српското влијание. Всушност, ние често сме најсилното оружје на просрпската политика, принудувајќи ги дури и неутралните македонски политичари да го прегрнат Белград.

Официјална Тирана не е ништо подобра. Не само рамо до рамо, туку и со заедничка позиција за враќање на модифицирана Југославија под формата на мини-Шенген. Наместо да го поддржи Коридорот 8, кој носи големи економски и геостратешки придобивки за Албанија, официјална Тирана го поддржува Коридорот 10 (Белград-Атина), кој ја остава Албанија на маргините, додека истовремено го фаворизира Белград како престолнина на Западниот Балкан“, пишува Хајдари.

Надежта, според него, доаѓа од Косово.

„Светлината на крајот на тунелот е победата на Албин Курти во Косово, со што се зајакнуваат ‘проалбанските сили во албанската политика’ (малку чудна фраза на прво читање, но ако се анализира малку подобро, суштината е јасна). Ако таа победа се рефлектира и во други албански региони, тогаш нема сомнеж дека Албанците ќе го искористат историскиот момент за конечно ослободување од руско-српското влијание, што ќе доведе до поволна перспектива“, заклучува Хајдари.

 

- Реклама -