Земјата што купува по околу 200 тони злато годишно

Само во последните 3 години Русија купила 580 тони злато, покажуваат податоците на Светскиот совет за злато. Имено, во последните 36 месеци земјата е доста активна: купила 173 тони во 2014 година, 206.4 тони во 2015 година и 200.7 тони во изминатата 2016 година.

Со ова Русија го продолжува нагорниот тренд на зголемување на златните резерви, кој трае веќе 11 години. Во текот на овој период, Русија има купено, претежно на домашниот пазар, вкупно 1228.4 тони злато.

Позитивниот тренд продолжува и во 2017 година, бидејќи, според последните податоци, во јануари се купени нови 29.9 тони. Со тоа резервите од злато на Русија достигнуваат 1645.1 тони, што е еквивалентно на 16.2 отсто од вкупните резерви на земјата.

Тоа ја сместува Русија на шестата позиција меѓу државите со најголеми златни резерви во светот. Лидер продолжува да е САД со 8133 тони, следена од Германија и Италија со 3377.9 и соодветно 2451.8 тони, а зад нив е Франција – која располага со 2435 тони златни резерви. На петтата позиција е Кина, која е втор најголем купувач во последните години.

Активни на пазарот во текот на изминатата година биле и Казахстан и Катар, кои купиле 36.2 и 7.5 тони злато, додека резервите на Белорусија пораснале за 4.2 тони.

Најголемите продавачи во 2016 година се Турција и Венецуела – ги намалиле резервите за 138.5 и 85.5 тони.

Намалување на резервите во последните 12 месеци бележат и Азербејџан и Аргентина, кои продале по 10.2 и 5 тони, додека продажбите на Јордан, Унгарија и Германија се во рамките на 3 тони.

- Реклама -