Земјата со 9 месеци зима добива тропски ресорт и ќе одгледува егзотично овошје

На „ледената земја“ зимата трае девет месеци, па населението баш и нема многу можности за земјоделство. Затоа пак, Исланд има изобилство од геотермална енергија и неискористена површина. И решена е да ги искористи.

Затоа, исландскиот архитект Хјордис Сигурдардотир изработи проект вреден 37 милиони долари, во чии рамки ќе никнат првите таканаречени биокуполи во светот. Во нив, меѓу другото, ќе се одгледува и егзотично овошје, а најголемата ќе има димензии на фудбалски стадион и ќе се протега на вкупно 6 спрата, над и под земјата.

Изгледот на „тропскиот Исланд“ е инспириран од седиштето на Amazon во Сиетл, како и сингапурските заливски градини. Засега парите сè уште не се собрани, но зад проектот стојат многу големи инвеститори, меѓу кои и исландската банка Arion, додека пак половина од сумата е обезбедена од самиот почеток преку заеми.

„АЛДИН“ (ALDIN Biodome), како што е наречен проектот, ќе биде лоциран во паркот Рејкјавик, на површина од 4.500 метри квадратни. Освен што во стаклените куполи ќе се одгледуваат банани и други егзотични овошја, ќе претставуваат и еден вид на медитерански ресорт во близина на Северниот пол. Главната цел е зголемување на туризмот во изолираната земја.

Впрочем, секоја од куполите ќе има различна клима и намена. Најмалата, на пример, ќе претставува „фармерска лабораторија“ и ќе содржи пазари, ресторани и простор за едукација, рекреација и одмор. Другите две ќе претставуваат тропско и медитеранско одмаралиште, а предвидени се и за одржување на разни конференции и други слични настани. Вака отприлика би требалод да изгледа внатре:

 

Покрај тоа, ако сè се оствари според планот, биокуполите на Исланд ќе претставуваат и туристичка атракција со најмали оперативни и енергетски трошоци на светот. Со тоа, смета Сигурдардотир, ќе се препороди исландскиот туризам кој сè до неодамна – до пропаѓањето на локалниот авиопревозник Wow Air, беше најголем извор на приходи на земјата.

Се проценува дека проектот „Алдин“ ќе привлекува меѓу 300.000 и 400.000 посетители годишно. Чисто за споредба, Сината лагуна – најпознатата исландска туристичка атракција, годишно ја посетуваат околу 1.3 милиони туристи.

Отварањето на куполите е предвидено за две години. Во моментов се чека дозволата од главниот град Рејкјавик – процес кој е во финална фаза.

PS. Ако ви е интересно што Исланд ќе одгледува егзотични овошја, веројатно уште поинтересно ќе ви биде тоа што Исланд увезува мраз. Прочитајте ТУКА.

- Реклама -