Иако самото име Iceland во превод би значело „земја на мразот“, во реалност Исланд е неочекувано зелен, особено во лето, а само 10% од земјата е всушност покриена со перманентен мраз. Ова се должи главно на топлиот Северно-атлантски океан, кој ја одржува климата релативно топла и бреговите без мраз за време на зимата, и покрај близината на островот до Арктикот.
Легендата вели дека првите Викинзи што го населиле Исланд намерно го избрале таквото „погрешно“ име, надевајќи се дека самото присуство на зборот „мраз“ во името ќе ги одврати останатите истражувачи, и другите нема да откријат дека всушност нивниот остров е зелен и многу плоден. Така вели легендата, а историјата е малку покомпликувана и е слична со таа на Гренланд („зелена земја“, демек). Повеќе пишувавме ОВДЕ.
Да се вратиме на мразот; значи го нема толку многу како што сугерира името. Тоа не значи дека не можете да најдете санта или глечер од кој во теорија можете да вадите и произведувате мраз, но друг е проблемот – Исланд е многу, многу скап.
Поради далечната локација и не баш поволната клима, како и многу од северните острови, Исланд и тоа како зависи од увоз на многу продукти и стоки, вклучувајќи нафта, жито, зеленчук и друга храна. Тоа значи дека нештата се многу скапи на Исланд, а соодветно на тоа Исланѓаните имаат и меѓу највисоките плати на светот. Тоа пак значи дека работната сила е исто така скапа на Исланд, па и самиот процес на производство, како и сé што би се произведувало таму, исто така би било многу скапо. Тоа е тој магичен бескраен круг.
Земајќи го тоа во предвид, излегува дека мразот увезен од други земји е дури 40% поевтин отколку кога би се произведувал на Исланд, и покрај тоа што електричната енергија е извонредно евтина поради изобилството на хидроелектрични и геотермални извори со кои располага земјата. Па така, Исланд увезува мраз од Норвешка, Британија, па дури и САД. Најголемиот дел од мразот оди во продавниците, каде што се употребува за мрзнење и чување на хран, месо и риба.
Некои неинформирани еколози можеби би се побуниле дека транспортот на мраз преку океанот е ужасно штетен за животната средина, поради стакленичките гасови и загадувањето од бродовите, но не би биле во право. Освен ако не планирате да ги преселите или оставите Исланѓаните без храна и основни продукти за живот, тие и без мразот веќе имаат развиен бродски сообраќај и транспорт за еден куп останати стоки. Така, најлогично и најеколошки останува тој транспорт да се искористи и за увоз на мраз, што е подобро отколку да го произведуваат дома. Дури и економски поисплатливо е да се користи нивната евтина струја за некои поинтензивни операции (како топење на алуминиум, Исланд е 11-ти најголем производител во светот) отколку за производство на мраз.