Земан бара Чешка да излезе од Зелениот договор за Европа: Климатските цели на ЕУ се виновни за големиот раст на цените на енергенсите

Прага, 26 декември 2021 (МИА) – Претседателот на Чешка, Милош Земан во денешното божиќно обраќање до нацијата ја повика новата Влада да донесе одлука за напуштање на Зелениот договор за Европа со образложение дека тоа „ќе ги турне Чесите во енергетска сиромаштија и ќе им го намали животниот стандард“.

„Екологијата од првобитно сериозна наука стана религија. Како и секоја религија има свои пророци, во вид на постпубертетско девојче“, истакна Земан.

Тој наведе дека Зелениот договор и климатските цели на Европска Унија се виновни за големиот раст на цените на енергенсите.

„Ако треба да го намалиме таквиот раст мораме да излеземе од Зелениот договор, кој е главна причина за растот на цените. За среќа енергетската политика е во надлежност на националните влади и националните парламенти и за среќа не ни ја диктира Брисел, тоа се однесува и на нуклеарната енергија, што топло ја преепорачувам“, истакна Земан.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Тој исто така наведе дека Зелениот договор на ЕУ е една од трите закани по безбедноста во светот во 2022 година.

Другите две, според Земан, се враќањето на талибанците на власт во Авганистан, што би ги интензивирале мигрантските брановите и враќањето на терористички напади во Европа, како и пандемијата со Ковид-19.

Земан упати и критки кон претходните влади кои не почнале да градат нови нуклеарни блокови, како и за „непотребното доцнење на тендерите за доградба на нуклеарната централа Темелин“.

Претседателот на Чешка во божиќното обраќање до нацијата ја поддржа идејата од 1 март 2022 година да биде задолжителна вакцинација за лицата постари од 60 години, како и за медицинскиот персонал, војниците и полицајците. Задолжителната вакцинација беше воведена од претходната влада на премиерот Андреј Бабиш, а новата чешка Влада на премиерто Петр Фијале е подготвена да ја укине одлуката.

- Реклама -