Зекири: Реџепи стана реис со Калашникови и сеење страв, тој е срам за муслиманите и државата

И пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ денеска се приклучи кон осудата за говорот на омраза на поглаварот на ИВЗ – Сулејман Реџепи. Злобните јазици можеби ќе речат дека е задоцнета реакција, но како што и самиот Зекири потсетува, тој одамна и упорно, и во улога на новинар и како пратеник, посочувал на криминалите и нехуманото однесување на Реисот, кого тој го нарекува „срам за сите муслимани и цела држава“. Во реакцијата го нарекува и „човек“, но само во наводници.

Фејсбук статусот на Зекири, инспириран од колумната на Сашо Орданоски (насловена „Резилот на Реисот“), го пренесуваме во целост:

Го читав утринава Сашо Орданоски за Резилот на Реисот и го разбирам што бил крајно внимателен при изборот на зборови што ги користел во неговата колумна. Но, драг Сашо, за ваков ‘човек’ каков што е Резил улема Сулејман Реџепи не е потребно да сте толку внимателен оти тој не заслужува никакво внимание, ниту почит од никого во нашава земја, вклучително и муслиманските верници кои за жал тој криминалец и нечовек и натаму ги претставува.

Мене ми е драго што веќе нема потреба толку многу да се вложувам и докажувам кој и каков е во суштина Резил улема Сулејман Реџепи. Сега веќе на цела македонска јавност ù е јасно за каков ‘човек’ станува збор.

И како новинар и како пратеник секогаш сум посочувал на криминалите и нехуманото однесување на овој ‘човек’ и ќе продолжам тоа да го правам затоа што тој е СРАМ прво за сите припадници на исламската заедница во Република Северна Македонија, а потоа и за цела држава.

Резил улема Сулејман Реџепи позицијата поглавар на ИВЗ ја има узурпирано со Калашникови, со закани и сеење страв, нешто што безброј пати до сега сум го посочил. Повеќе од 10 години трае неговото самоволие во таа институција. Иако е најповикан да постапува во склад со тоа на што нè учи ИСЛАМОТ, имено да биде праведен и да ги почитува различностите, тој го прави токму спротивното.

Тоа што тој го прави со години, мене искрено не ме зачудува. Прво им се чудам на имамите и членовите на највисоките тела на ИВЗ кои продолжуваат да замижуваат на сето она што овој ‘човек’ го прави, и натаму молчат како кукавици и се се плашат од овој ‘човек’.

Почитувани имами, охрабрете се, не молчете, СРАМОТА е тоа да го правите и со вашиот молк да ги одобрувате постапките на Резил улема Сулејман Реџепи. СРАМОТА е пред верниците, а пред сè пред Алах (Бога) да го одобрувате тоа што не го одобрува верата на која припаѓате и која ја проповедате пред верниците.

Во светата книга Куран во сурата ‘Ел Маиде’ се вели:
O, верници бидете праведни кога судите, бидете истрајни во тоа и заради Алах сведочете праведно! И омразата кон еден народ нека не ве натера да бидете неправедни. Праведноста е поблиску до богобојазливоста. Плашете се и од Алах. Алах, навистина, е Известен за она што го работите!

На крај уште еднаш јавно ќе повикам надлежните институции да продолжат со она што го започнаа, со силната контрола на работата на ИВЗ и останатите верски заедници. Никој не смее да е над законот. Сите сме исти пред законите!!!

П.С. Резил улема Сулејман Реџепи мора да одговара и за ширење говор на омраза. На потег сега е Јавното обвинителство“, пишува Зекири.

- Реклама -