Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека денеска поднел пријава до Министерството за внатрешни работи за ширење говор на омраза од страна на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи.
Како што објавија медиумите, во говорот на Реисот при поставувањето камен темелник на џамија во скопското село Арнакија, тој македонскиот народ го нарекол див и бездушен и, според тоа, заслужено нема и нема да има идентитет. Според Хелсиншкиот комитет, со тоа Реџепи предизвикал омраза, раздор, нетрпеливост и исмејување на македонскиот народ, со што ги исполнува битијата опишани во член 319 и 179 од Кривичниот Законик.
„Можете да видите со каква дива животиња народ живееме, затоа немаат идентитет и нема никогаш да имаат. Без разлика што ние сме сакале да им помогнеме. Не се помага на бесчувствителниот, не се освестуваат. Местото Лажец, кој го знае кој не, е село мултиетничко – има муслимани, православни христијани, има Mакедонци… не знам тие како себеси си се нарекуваат… има Aлбанци. Има две цркви, бројот на народите е ист, има две цркви, а ниту една џамија. Сто подземни далавери прават и сè уште не се освестени. Дај боже мене господ душата да не ми ја земе додека не поставам камен темелник на џамијата“ – рекол Реџепи.
Користењето говор на омраза од страна на вршител на висока верска функција и човек со големо влијание во јавноста е особено опасно и недозволиво, оценуваат од Хелсиншки.
„Во една мултиетничка и мултиконфесионална држава, верските лидери треба да се свесни за својата улога и да дејствуваат во духот на толеранцијата и соживотот, а не да иницираат и разгоруваат нетрпеливост и омраза.
Од тие причини, побаравме од МВР веднаш да постапи по оваа пријава и да ги преземе сите мерки согласно законските прописи“, стои во соопштението.