Заврши Втората Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн

Заврши Втората Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн во Охрид во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје на тема “Преобмислување на метаболизмот“ (Metabolism revisited)Градот Охрид минатата недела дишеше во знакот на архитектурата и дизајнот. На темата “Преобмислување на метаболизмот“ (Metabolism revisited) голем број на учесници/студенти предводени и под менторската “палка“ на еминентните експерти и професори од Македонија, Јапонија и Хрватска земаа учество на Втората Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Седумдневниот проект, Меѓународна летна архитектонска школа ги афирмира и промовира креативните индустрии во Република Македонија. Токму затоа Охридско лето ги отвори вратите за Летната школа од минатата година со што стана дел од неговата програма.

Крајот на ова прекрасно, инспиративно и креативно дружење беше означено со изложба на дела кои ги изработија учесниците на школата. На овој исклучително важен меѓународен едукативен настан, учество земаа повеќе од 30 студенти од повеќе Европски земји и од Македонија, кои преку повеќе предавања имаа можност од своите ментори да научат и да осознаат за “метаболистичките„ принципи во развивањето на еден град, начините на нивно акцентирање, подобрување или менување, сè во интерес на самите граѓани на градот Охрид.

O

Идејните решенија кои ги изработи овогодинешната група на идни архитекти се вистински доказ за нивниот начин на размислување, разбирање и толкување на одредени простори и објекти во Охрид, кои што сами го одбраа за да ги истражат и да дадат предлог за нивен развиток. Бројката од 11тимски проекти дава одраз за интересот за оваа летна школа по архитектура и дизајн и истовремено обврска идната година Организаторот да биде домаќин на уште поголем број учесници и гости во Охрид.

„Пред се морам да изразам огромно задоволство кое го делиме сите кои учествувавме во организацијата на Втората меѓународна летна школа за архитектура и дизајн поради нејзиното успешно одвивање во терминот од 30.06. до 05.07.2014 во Охрид. Она на што сме горди е фактот дека на школата учествуваа 33 студенти од неколку различни земји од Европа: Русија, Полска, Украина, Велика Британија, Хрватска, Словенија, Романија, Молдавија, Србија и Македонија менторирани од светски познатите јапонски архитекти и професори Јошихару Цукамото и Момојо Каиџима од атељето „Бау-Вау“ на кои им асистираа нашите виситинг професори од Загреб архитектите Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина. Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје како отворена установа ги отвори вратите на својата летна школа и за општата и стручна јавност. Но, сето ова немаше да биде така успешно да немаше подршка од институциите како локални (Општина Охрид) така и државни (Националниот Институт за заштита на културното наследство и Музеј Охрид и Охридско лето).“, изјави проф д-р Мишко Ралев.

Во организација на Школата учествуваа: Проф. Викторија Еремеева, декан на Факултетот за архитектура и дизајн, проф. Мишко Ралев, претседател на Советот на Школата, асистент Владимир Десков, член на Советот, асистент Елена Пазарџиевска секретар на Школата, Дамјан Момировски, соработник и Мартин Деловски, соработник. Летната школа за архитектура и дизајн е дел од официјалната програма на овогодинешното издание на Охридско Лето, а исто така поддржана и од Министерството за Култура на Република Македонија, Општина Охрид и Заводот за заштита на спомениците од Охрид.

„Архитектурата како дел од Фестивалот предизвикувa огромен интерес и кај публиката и кај медиумите. Токму тие го препознаат квалитетот и значењето на овој седумдневен проект со кој започна реализацијата на идејата, Фестивалот Охридско лето да живее преку цела година односно да има активности и надвор од традиционалната уметничка рамка 12 јули – 20 август кога ни се случува магијата на музиката која плени и впечатокот кој се врежува со прекрасните изведби на театарските уметници“, вели директорката на Охридско лето Елизабета Јанкуловска. Фестивалот Охридско лето, како дел од семејството на Европската Асоцијација на Фестивали се покажа како еден од најмоќните двигатели на културните дострели во Р Македонија.

Голем број уметници, кои и денес припаѓаат на светската елита, го прогласија Охрид за свој летен уметнички дом со што го афирмираа градот во интернационалните професионални кругови, додаде Јанкуловска.

- Реклама -