Заврши „првиот круг“ преговори, делегациите на Русија и Украина се враќаат во Москва и Киев на консултации

Делегациите на Русија и Украина се враќаат во своите главни градови на консултации, откако денеска беше одржан прв круг од преговорите за прекин на конфликтот.

Москва и Киев планираат „втор круг“ разговори за конфликтот, тоа го потврди за западните медиуми, член на украинската делегација.

Шефот на руската делегација во преговорите Владимир Медински изјави дека двете страни договориле разговорите да продолжат и втората рунда да биде одржана во следните денови на полско-белоруската граница.

„Најважно е дека се договоривме да пролжи преговарачкиот процес“, изјави Медински по завршувањето на првата рунда преговори, што траеше пет часа.

Украинската делегација ја предводи министерот за одбрана на Украина Алексеј Резников, и во неа заедно со Подољак, се и лидерот на партијата Слугата на народот Давид Арахамија, министерот за одбрана на Украина Алексеј Резников, шефот на украинската трилатерална контакт група Андреј Костин, пратеникот Рустем Умеров и заменик министерот за надворешни работи Николај Точицки.

Руската делегација ја предводи советникот на шефот на државата Владимир Медински, а во неа се и заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко, заменик министерот за одбрана Александар Фомин и претседателот на Комисијата за меѓународни прашања на руската Дума Леонид Слуцки.

Делегациите на Русија и Украина денеска се сретнаа во белорускиот пограничен град Гомел, каде белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи, на почетокот на разговорите, ги пречека со порака дека можат да се чувствуваат целосно безбедно.

Прочитајте и:  „Фајненшл тајмс“: Русија регруирала стотици Јеменци во војната против Украина

„Почитувани пријатели, претседателот на Белорусија ме замоли да ви посакам добредојде и да обезбедам сè за вашата работа, како што е договорено со претседателот (Володомир) Зеленски и претседателот (Владимир) Путин. Овде можете да се чувствувате сосема безбедно. Тоа е наша света должност“, истакна Макеи, додавајќи дека Лукашенко искрено се надева дека е можно и ќе се најде решение за сите прашања од оваа криза. „Сите Белоруси се молат за ова“, додаде министерот.

Украинскиот претседател, пред почетокот на средбата, изрази скептичност околу евентуалните резултати.

„Јас навистина не верувам во исходот од оваа средба, но нека се обидат“, изјави Зеленски.

Паралелно, додека делегациите пристигнуваа на разговори, украинското претседателство побара прекин на огнот „и повлекување на руските војници“. Според украинските власти, иако „руските окупатори го намалиле темпото“ на офанзивата и претрпеле „тешки загуби“, продолжиле нивните обиди да напредуваат во одредени региони. Така, градот Бердјанск, на југот од Украина, е окупиран од руски војници, соопштија тие.

Досега Украина има пријавено 352 цивилни жртви, вклучително и 14 деца, додека нејзината армија тврди дека убила 4.300 руски војници.

Русија вчера за прв пат од почетокот на инвазијата призна дека има убиени или повредени руски војници, без да даде бројки.

Извор: МИА

- Реклама -