Започна судењето против Бујар Османи за навреда и клевета на ММДЧП

Во Основниот граѓански суд Скопје денеска започна судењето по тужбите поднесени на 27 јануари 2023 година против министерот за надворешни работи Бујар Османи од страна на претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) – Бил Николов, и ММДЧП како организација.

Станува збор за тужби според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

На денешното рочиште, полномошникот на тужителот Николов, Трајче Торов, ги претстави доказите кои се дел од тужбата и одговори на повеќе приговори во однос на тужбата.

Тој информираше дека било поднесено барање за извинување до електронските адреси на тужениот (Бујар Османи), меѓутоа, како што рече, до ден денес не добиле никаков одговор.

Според авокатот на Османи, Љупчо Илиев, кој предложи тужбеното барање да биде одбиено како неосновано, од содржината на тужбата не може да се прифати дека Османи е виновен за она за кое што се товари.

„Од изнесената содржина во тужбата, поточно од наведените изјави во тужбата, апсолутно не може да се прифати, т.е. утврди, дека обвинетиот, со изјавите, искажал понижувачко мислење со кое се повредуваат честа и угледот на тужителите, а уште повеќе не може да се утврди намера за омаловажување на кој било, што би значело и на тужителите“, рече адвокатот.

Тој аргументираше дека содржината на тужбата претставува критички осврт на функционирањето на државата со јавната власт, па токму затоа, како што рече, „содржината на тужбата не е во корелација со единственото тужбено барање“.

ММДЧП и претседателот на здружението, Бил Николов, на 27 јануари годинава поднесоа тужби за навреда и клевета против Османи и против порталот „360 Степени”.

Османи лани, во интервју за бугарската телевизија БТВ, изјави дека треба да се види кој стои зад  отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, а ММДЧП ја посочи како еден од финансиерите.

„На 27 октомври 2022 година, 360 Степени објави отворено лажен, навредлив и клеветнички прилог за Македонското меѓународно движење за човекови права и за претседателот на ММДЧП – Бил Николов. Во интервју за БТВ, на 27 октомври 2022 година, кое беше објавено на 360 Степени на 28 октомври 2022 година, министерот за надворешни работи Бујар Османи изнесе целосно лажни, навредливи и клеветнички тврдења за ММДЧП и Николов. Османи продолжи со изнесување на целосно лажни, навредливи и клеветнички изјави и за време на неговата прес-конференција на 11 ноември 2022 година“, велат од ММДЧП за изјавата на Османи.

„Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница, и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата, ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение, за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера“, изјави тогаш шефот на дипломатијата.

Процесот го води судијката Јехона Садику. Судењето продолжува на 29 мај.

- Реклама -