Во Македонија се уште не е формирана новата влада, а второ Грција како и цела Европа е во изборен процес. Што значи дека секоја изјава која што во моментот би ја дале би служела многу повеќе во кампањата во Грција, отколку за постигнување за било каков напредок по однос на очигледните различни толкувања на одредени правила и обврски коишто двете страни ги имаат коишто потекнуваат од Договорот од Преспа.
Ова денеска го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, како одговор на заменичката на грчката амбасадорка во земјава Георгиа Андреади, која на панелот по повод одбележувањето на 9 Мај – Денот на Европа „Европската Унија како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“, повика сите функционери во државава да го почитуваат Преспанскиот договор.
-Треба да се формира новата влада, треба да завршат изборите во Европа, а со тоа изборите во Грција па потоа да седнеме не пред јавност туку на соодветно билатерално ниво да почнеме отворено да дискутираме за тоа кои се правата на двете страни, но и кои се обврските што ги имаат две страни. И верувам дека со добра верба, со разбирање, со отворен дијалог сите предизвици можат да се решат. Не само за Грција, туку Македонија треба да биде земја која што се стреми да има добри односи со сите соседи, но исто така и земја која што мора пред се да ги заштитува своите национални интереси, рече Муцунски.
Според него, самиот договор предвидува механизми преку кои сите предизвици, сите различни толкувања веројатно можат да се надминат.
-Новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ има за цел прво да го следи стратешкиот крус на државата. Ние сме земја членка на НАТО. Имаме стратешки приоритет да го продолжиме процесот на европска интегрција на земјата. Истовремено сакаме да имаме добри односи со сите наши соседи. И очекуваме дека тоа е и желбата на нашите соседи. Тоа се односи коишто треба да ги градиме и да ги надградуваме врз основа на взаемна доверба и добра верба, рече Муцунски.
Во таа насока, додаде, имаме целосна свест за кои се нашите обврски, но и права како држава, а кои произлегуваат од повеќе договори коишто Македонија во последните години ги има склучено.
-И во таа насока имаме за цел да ги почитуваме обврските од договорите, но исто така имаме за цел да ги заштитиме и правата коишто ние ги имаме од таквите договори. Не сметам дека преку јавен дискурс преку ваква форма на јавна дебата каде што има присутни медиуми каде што се присутни граѓани од различни сфери на интерес дека ние можеме да ги решеиме предизвиците. За да ги решиме предизвиците, и недоразбирањата некогаш по содржината на ваквите договори, ние прво треба да седнеме меѓусебно по формирањето на владата во Македонија, по завршувањето на европските избори, па и на изборите во дел од земјите членки коишто се наши соседи и да дискутираме за тоа што не обединува. Има многу работи по коишто можеме да се обединиме, многу лесно доколку одлучиме и можеби да се делиме по многу прашања. Јас сакам да верувам во иднината и во напредокот, додаде Муцунски.
Заменичката амбасадорка Георгиа Андреади, на панел дискусијата ги повика „сите функционери на Република Северна Македонија целосно да ги почитуваат, да се придржуваат и да ги спроведуваат со добра волја сите меѓународно обврзувачки договори како што е Преспанскиот договор, за да може да покажат пред меѓународната и европската заедница дека се искрени, и посветени кон својата евроатлантска иднина“.
-Лична забелешка би сакала да појаснам дека што се однесува до Грција институциите не се исто со личноста. Во едно демократско општество кога институцијата се преклопува со личноста, не може да биде демократско општество. Според тоа, сакам да повторам дека ние очекуваме Северна Македонија во добра волја и во духот на добрососедските односи, кои апсолутно ние можеме да ги градиме и заедно да одиме кон иднината целосно да се придржува до Преспанскиот договор, рече Андреади.