Енергетската состојба е стабилна, а наредната недела Владата ќе излезе со конкретни таргетирани мерки насочени кон најранливи категории граѓани и компаниите. Потребно е и одговорно однесување кон енергенсите, солидарност и поддршка за ранливите категории граѓани. Ова се заклучоците што произлегоа од денешниот состанок на Економски совет.
Премиерот Ковачевски на состанокот потенцирал дека ќе продолжи економскиот и социјален дијалог со синдикатите со цел сите заедно полесно да ја пребродиме кризата.
Наредната недела, како што напоменал, Владата ќе излезе со конкретни таргетирани мерки насочени кон најранливи категории граѓани и компаниите. Воедно Ковачевски истакнал дека се обезбедуваат и мерки за помош на компаниите преку Развојната банка, кои ќе овозможат ликвидност за компаниите и полесно пребродување на кризата во месеците кои следат.
На седницата на Економскиот совет, освен премиерот, присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата – Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за економија и за финансии – Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, претставници на економскиот тим на Владата, пратеникот и професор Елми Азири, академик Таки Фити, претставници од енергетскиот сектор, ЕСМ, ЕВН, НЕР, РКЕ, гувернерката на Народната банка Анета Бежовска, директорката на УЈП Сања Лукаревска, претседателот на ССМ Дарко Димовски, Трпе Деановски претседател на Синдикатот на работниците од УПОЗ, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, претседателот на Сојузот на Стопански комори Трајан Ангеловски, извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсовска, претставници од стопанството, економски и енергетски експерти како и професори и претставници на академската јавност.
Како што соопштија од Владата, низ конструктивен дијалог биле отворени сите теми од интерес за граѓаните и стопанството, а врзани со справување со економско-енергетската криза во која се наоѓа нашата држава, но и Европа во целост. Воедно, транспарентно биле споделени и сите податоци со кои располагаат институциите и стопанството, сè со цел што посеопфатно справување со последиците од економската и енергетската криза.
На состанокот биле разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно.
Во таа насока, како што потенцираат од Владата, беше истакнато зголемувањето на производството на електрична енергија од АД ЕСМ за 25 отсто, како и напорите да се обезбеди електрична енергија со пониска берзанска цена за што веќе се водат преговори со неколку земји.
„Овие напори продолжуваат и во наредните денови, сè со цел помош на компаниите кои се на отворениот пазар да добијат струја која е поповолна од берзанската цена. Во рамки на заложбите за обезбедување електрична енергија од сопствени извори беа разгледани модалитетите за вклучување на електраната ТЕТО во ‘Б режим’, при што нејзиното производство би било понудено на приватниот сектор по фиксна цена, согласно движењето на берзанските цени на гас“, се наведува во соопштението.
На Економскиот совет бил реафирмиран апелот до пратениците во Парламентот за што поскоро изгласување на Законот за задолжување во европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра, што, како што велат од Владата, обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка, како и за работењето на ЕСМ во услови на криза. Премиерот Ковачевски во овој контекст посочил дека не е време за политички агенди, туку за работење исклучиво во интерес на граѓаните и државата. Апелот воедно се однесува и на Законот за енергетика и неговите соодветни измени, на Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за распределба на финансиски средства, односно прераспределба на ставки кои што се однесуваат на справување со енергетската криза.
На состанокот, министерот Бесими истакнал дека буџетот нема да има проблеми со ликвидноста и покрај економската криза и дека бизнис заедницата може да биде спокојна, но и подготвена на одговорно работење.
Гувернерката на Народната банка – Анита Ангеловска-Бежоска, пак, истакнала дека навремено се согледани макроекономските импликации на енергетската криза и дека се преземени сите потребни мерки за контрола на инфлацијата и одржување стабилен курс на денарот. Воедно било посочено дека финансиската стабилност и ликвидност на банките е обезбедена и во време на криза.
Извор: МИА